Фото: МИА

На плоштадот во Тетово денескa беше оддадена почит за младите луѓе од Кочани кои ги загубија животите во пожарот во дискотеката. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, заедно со советниците од Општина Тетово и дел од средношколците положија цвеќе и оддржа минута молк.

-Денеска сме тука во Тетово, во мое лично име во име на моите сограѓани да ја споделиме нашата длабока болка со сите семејства на загинатите од трагедијата во Кочани. Како Тетово и тетовчани стоиме сплотени заедно со сите за полесно да ја поминеме оваа голема болка и оваа трагедија што ни се случи. Се молиме и работиме да ова биде последна трагедија што ни се случува. Нашата цел е да понатаму како институции да работиме ваквите случаи да се елиминираат и да не ни се случуваат – истакна Биљал Касами.

Младите од Тетово на социјалните мрежи, исто така, најавуваат дека во 18 часот ќе се соберат на плоштадот со цел да се оддаде почит на загинатите. Од соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Тетово информираат дека храмот ќе биде отворен и вечерва за верниците кои сакаат да оддадат почит со палење на свеќа и молитва.