Фото: МИА

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, предупреди дека без реална финансиска автономија, судството не може да биде вистински независно. Според него, сегашниот модел на реформирање е неефикасен, а суштински промени може да се постигнат само со нов пристап, промена на закони и кадровско зајакнување.

Во изјава за медиуми по отворањето на конференцијата „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките Камбовски остро реагираше на тоа што, и покрај добрите закони, судството не ги добива предвидените средства и е блокирано од бирократски процедури.

-Не треба да престане со реформи. Очигледно во минатото тие реформи не вродиле плод. Треба да се промени начинот на кој што се прават тие реформи, да се промени матрицата на размислување и конечно веќе судството да ја добие финансиската независност која што му припаѓа согласно законот. Бидејќи не можеме да зборуваме за независност на судство, доколку тоа исто судство е зависно од некоја од другите власти – истакна Камбовски, додавајќи дека проблемот не е само во институционалните објекти, туку и во човечките и техничките капацитети.

Особено алармантен, како што дополни, е фактот дека околу 200 вработени во судовите остануваат без продолжени договори.

-Имавме околу 200 луѓе на ниво на цела држава кои што имаа до 31 март договори на неопределено време. Меѓутоа, до денеска не им се продолжени договорите, ниту се објавени нови огласи. За секое вработување мораме да добиеме согласност од Министерството за финансии. Ако навистина сакаме финансиска независност, тогаш судството не треба да зависи од вакви одобренија, кои некогаш не ни ги добиваме – посочи тој.

Во однос на транспарентноста и довербата, Камбовски порача дека персоналните оставки не се решение за системски проблеми.

-Оставките не се реформи. Судскиот совет е целосно променет. Впечатокот што се влече е од минатиот состав на Судскиот совет. Сега половина од судскиот совет е променет и така го замислил уставотворецот судскиот совет постојано внатре да има флуктација на нови членови, а доколку сакаме навистина да направиме некоја реформа, таа се прави на друг начин, со промена на законот, со намалување на мандат, со депрофесионализација на судски и обвинителски совет, а само персонални промени, тука нема ништо, која е гаранцијата дека новите членови што ќе дојдат ќе бидат подорбри – рече Камбовски.

Информираше и дека изборот за нов претседател на Врховниот суд е при крај и се очекува наскоро да биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници на Судскиот совет.

Потребата од суштински реформи, поголема ефикасност на судските постапки и унапредување на судската автономија беа во фокусот на судиската конференција „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, организирана од Здружението на судии со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.