Фото: Маја Јаневска Илиева

Европската Унија останува со Северна Македонија на патот кон целосното интегрирање, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Каја Калас на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје.

Високата претставничка истакна дека разговарале за повеќе теми, при што потенцира дека земјава е првиот корисник во регионот на она што го нуди Планот за раст на Западен Балкан, но и прва држава, која го потпишала Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ. Нагласи дека на средбата меѓу другото се разговарало за напредокот на македонската економија и истакна дека тој процес е од големо значење и за самата Унија.

-Ова партнерство подразбира заедничка работа за Украина и во сферата на борбата против тероризмот секако, а тоа покажува дека функционира постепената интеграција. Но двете страни сакаат повеќе и тоа е мошне јасно. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. Вие имате навистина долга историја на усогласувањето со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, а тоа нам ни е особено многу важно во овие трубулентни времиња, кога гледаме дека има сериозни геополитички промени во светот- рече Калас.

Таа говореше за напорите кои се преземени од страна на Владата во однос на реформаката агенда.

-Вие, подобро од кој било знаете дека патот до членството не е лесен и мојата порака денеска е да останете на тој пат, да ги преземете чекорите потребни за отворање на пристапните преговори. Тоа исто така ќе значи дека ЕУ на Северна Македонија ќе и дава уште поголема поддршка, без разлика дали станува збор за владеењето на правото, борбата против корупцијата или модернизирањето на јавната администрација- нагласи Калас.

Таа додаде дека од искуство знаат дека напредокот може да биде брз доколку има политичка волја, а како добар пример за тоа ги посочи Албанија и Црна Гора.

-Секако Северна Македонија се соочува со носење избор за своите граѓани и за иднината. Веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобриот рецепт за мир и безбедност во целиот регион. Затоа ајде да се придвижиме заедно и тука сакам да ве уверам дека ЕУ останува покрај вас- порача Калас.