Прашањето за поддршката за формирање на собраниска анкетна комисија за истражување на случувањата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ треба да биде упатено до пратениците – смета премиерот Христијан Мицкоски.
– Што се однесува за поддршката за анкетна комисија, тоа прашање мислам дека добро е да им го поставите на пратениците. Мислам дека ваков тип на соочување со јавноста многу скоро ќе биде кога ќе почне процесот во суд. Така што таму ќе може сите и граѓаните и јавноста и вие медиумите што се се случувало – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи барањето на роднините на загинатите во пожарот.
Тој одговарајќи и на прашање за барање за еднократна парична поддршка за семејствата на загинатите, по примерот на оние кои починаа во пожарот во модуларната болница во Тетово за време на ковид пандемијата, истакна дека како Влада правеле и ќе прават се да им помогнат.
– Ги слушнав двете барања. Апсолутно немам никаква дилема дека ние како Влада правевме, правиме и ќе правиме се што е потребно за да се помогне во тој случај, да се ублажи болката која што е неизмерна, неограничена, голема- рече Мицкоски по поставувањето на камен темелник за изградба на детска градинка.

































