Фото: „Нова Македонија“

Европската комисија за демократија преку право даде мислење за Законот за употреба на јазиците во Македонија во 2019 година

  • Венецијанската комисија (официјалното име на Комисијата е Европска комисија за демократија преку право, но бидејќи состаноците се одржуваат во Венеција, Италија, вообичаено се нарекува Венецијанска комисија) даде мислење за Законот за употреба на јазиците во Македонија во 2019 година. Во продолжение суштинското толкување и препораките на Комисијата

Венецијанската комисија поаѓајќи од фактот дека во државава има политичка волја правно да се преточи истата таа кон нови и повисоки нивоа на живеење на малцинствата во Македонија, тргна од премисата дека Законот за јазиците има легитимна цел, а тоа е унапредување на правата на заедниците, особено на албанскиот јазик, што би било сегмент од поширокиот контекст на Охридскиот рамковен договор. Но нејзините толкувања, мислења и ставови ја изненадија пошироката јавност, вклучувајќи ги и носителите на тогашната власт во Македонија.

Венецијанската комисија: Правна несигурност во примената на Законот

Имено, Венецијанската комисија оцени дека Законот за употреба на јазиците оди многу подалеку од европските стандарди во некои делови. Второ, дека постојат нејаснотии и правна несигурност во неговата примена. Трето, дека тој може да создаде преголем административен товар (на пример, обврска за двојазичност во сите институции).

Главните забелешки на Венецијанската комисија по темелното разгледување на Законот за употреба на јазиците, при што таа и писмено посочи на тоа, беа дека со Законот се отвораат и дополнителни проблеми со:

  1. Обемот на двојазичност! Имено, Законот дава преголемо проширување на употребата на албанскиот јазик на централно ниво.
  2. Судски постапки – постои ризик од одолжување и компликации ако сите постапки мора да бидат двојазични.
  3. Казнени одредби – високи казни за институциите што не го применуваат Законот.
  4. Недоволна јасност – некои членови се нејасни или тешко применливи.

Клучните препораки на Венецијанската комисија

По горните издвоени забелешки на Венецијанската комисија, клучните препораки на беа во насока на појасни формулации за да се избегнат различни толкувања (и во смисла на тоа дека Законот е противуставен).

Второ, препорака беше и во насока на ограничување на обврската за двојазичност, особено во судството и на централно ниво, за да се зачува функционалноста.
Трето, да се има фексибилен пристап во судовите, се разбира, да се гарантира правото на користење јазик, но без да се наруши ефикасноста.

Во врска со ревидирање на казните, Венецијанската комисија забележа истите да бидат пропорционални и применливи.

Доколку се исполнат условите дека Законот би бил во согласност со уставната рамка, Венецијанската комисија препорача дека тој натаму би требало да има постепена имплементација.

Венецијанската комисија исто така нагласи над сѐ дека функционалност на државата (владеењето на правото), што би вклучувало и инклузивност (но НЕ многу подалеку-повисоко од европските стандарди како што е стипулирано во Законот, а ниту пак пониско-помалку од европските стандарди – Резолуции, Декларации за човекови и малцински права н.з.), е исто така клучно во понатамошниот процес. Н.М.


Што е Венецијанската комисија

Венецијанската комисија е тело на Советот на Европа, кое дава свои ставови во однос на законодавствата на своите членки. Позициите и ставовите на Венецијанската комисија по правило треба да се почитуваат во државите членки на Советот на Европа и на Европската Унија.

Во суштина, нејзиниот вистински назив е Европска комисија за демократија низ правото, а колоквијалното име го добила по Венеција, градот во кој од 1990 година заседава четири пати годишно.

На официјалната страница на Комисијата пишува дека оваа меѓународна асоцијација е составена од вкупно 61 држава членка, од кои 47 се од Европа, меѓу кои и Македонија, како членка од 9 ноември 1995 година.

Меѓу 14-те неевропски држави во Комисијата, меѓу другите се Алжир, Бразил, Чиле, Израел, Мароко, Мексико, САД…

Целта на Комисијата е да им обезбеди правни совети на своите членки и, особено, да им помогне на оние држави што сакаат да ги усогласат своите правни и институционални структури со европските стандарди, како и да им понуди меѓународни искуства од областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.

Комисијата во своето дејствување помага да се обезбедат ширење и консолидирање на заедничкото уставно наследство, при што игра уникатна улога во справувањето со конфликти и им обезбедува „итна уставна помош“ на државите.

Во делокругот на работите на Комисијата се вброени неколку области на работа, и тоа демократски институции и фундаментални права, уставно право и судска власт, избори, референдуми и политички партии. Поединечни членови на Комисијата се универзитетски професори по јавно и меѓународно право, судии во врховните и во уставните судови, членови на парламенти и многу државни службеници.

Членовите имаат мандат од четири години доделен од страна на земјите членки, но дејствуваат само со нивниот поединечен капацитет, а актуелна претседателка е Марта Картабија. Таа беше избрана на оваа функција во декември 2025 година, наследувајќи ја претходната претседателка Клер Бази Малори. Марта Картабија е истакната италијанска правничка, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија.

Постојаниот секретаријат на Комисијата се наоѓа во Стразбур, Франција, во седиштето на Советот на Европа, но неговите пленарни седници (четири пати во годината, во март, јуни, октомври и во декември) сепак се одржуваат во Венеција, Италија, во старото училиште во градот, кое го носи името „Сан Џовани Евангелиста“.

Инаку, Венецијанската комисија на крајот од Студената војна, во 1990 година беше основана како тело што требало да даде одговор на сѐ повеќебројните прашања на државите што во тие моменти го напуштале социјализмот, без разлика дали тоа било по мирен пат на избори или по насилни антикомунистички револуции.

Од своето основање до денес Комисијата промовира стандарди на демократијата во согласност со достигнувањата на европското уставно наследство. Во својата работа Комисијата честопати ги повикува претставниците на националните влади на државите на редовни состаноци за усогласување на законите преку високи демократски стандарди што ги воспоставува ЕУ.

Претставки кај Комисијата можат да поднесат државите членки и установите на земјите што службено учествуваат во нејзината работа, но истото тоа може да се стори и преку лична иницијатива на претседавачот на Комисијата. Н.М.