Смртта на деветмесечно бебе од туберкулоза на Детската клиника во Скопје отвори прашања за трагичниот случај откриен во текот на вчерашниот ден, како и за начинот на кој се шири болеста. Бебето било хоспитализирано на Детската клиника во тешка здравствена состојба на 24 февруари, а во изминатите денови се бараа одговори како се заразило со туберколоза.
Од Клиниката претходно објаснија дека бебето било изолирано при лекувањето, како и дека за него се грижел посебен медицински тим. Мајката исто така беше хоспитализирана, а нејзините други три малолетни деца беа во детската клиника Козле на испитувања за туберколоза.
– Туберкулозата (ТБ) е предизвикана од бактеријата Mycobacterium tuberculosis која најчесто влијае на белите дробови. Туберкулозата се шири од човек на човек по воздушен пат, кога заразените кашлаат, киваат или плукаат, при што исфрлаат бацили-микроби на ТБ во воздухот. Едно лице е потребно да вдише само неколку од овие бактерии за да биде заразено. Околу една четвртина од светската популација има латентна ТБ, што значи дека луѓето биле заразени со ТБ бактерии но сѐ уште не се заболени од оваа болест и неможат да ја пренесат истата. Луѓето заразени со ТБ имаат од пет до 15 отсто поголем ризик да заболат од туберкулоза. Лицата со компромитиран имунолошки систем, како што се лица кои живеат со ХИВ-инфекција, неухранетост, дијабет или пак луѓе кои консумираат тутун, имаат поголем ризик од заболување – според објаснувањето за болеста наведено на интернет-страницата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Симптомите на туберкулоза можат да бидат непрепознатливи и по неколку месеци.
– Кога некое лице развива активна болест на ТБ, симптомите како треска, кашлица, ноќно потење или губење на тежина можат да бидат лесни-непрепознатливи неколку месеци. Ова може да доведе до доцна нега и да резултира со пренесување на бактериите на други луѓе. Луѓето со активна ТБ можат да заразат од 5 до 15 луѓе преку близок контакт во текот на една година. Без соодветен третман, 45 отсто од ХИВ-негативните лица со ТБ во просек и скоро сите лица со позитивен ХИВ наод ќе резултираат со смртен исход – посочуваат од ИЈЗ.