Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Кривичниот суд во Скопје продолжува сведочењето на Дејан Димовски началник на единицата за насилен криминал во СВР Скопје, како сведок на Обвинителството на судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Сведокот Димовски посочи дека таткото на Вања, Александар, бил активно вклучен во пронаоѓање видео записи од надзорните камери во Скопје, со цел да се најде трага од исчезнатото девојче. Паралелно со тоа во полицијата се водела уште една истрага за запалено возило кое било најдено во Бразда, но инспекторите отпрвин не ги поврзувале двата случаја.

–Колегите што го истражуваа запалениот „ситроен“, бараа камери по патот. Најдоа камери на општина Чучер Сандево, еден ден се мачеа за да ги отворат снимките и тогаш покрај „ситроенот“ забележале и пикап. Немало други возила, прво помина „ситроенот“, па другото возило, но на снимките не се гледала таблицата на другото возило. Бараа и други камери во реонот, кон Шутка за да ги најдат двете возила на други снимки. На Сејф сити е виден „ситроенот“ на 23, 24 и на 27 ноември 2023 година, па баравме каде се движел – рече Димовски.

Додека траела оваа истрага, на Димовски му се јавил таткото на Вања, кој обезбедил неколку други видео-записи и укажал на сомнително возило, а при проверката се утврдило дека се работи за истиот „ситроен“ со велешки таблички. Набргу било откриено возилото пикап, „рено кангу“, чии сопственици се изјасниле дека го дале возилото на користење на партијата Десна.

–Кога влеговме внатре имаше тројца, еден од нив Кешишев, вели „каде сте досега, ве чекавме“. Како нѐ  чекате? Епа, видовме кола, ве чекаме. Ги идентификувавме, побараа адвокат, дојде еден адвокатот Васко и вршевме претрес. Ги прашавме „каде ви е претседателот“, Кешишев ни рече дека отишол во Белград, дека има проблеми со кичмата, дека ќе оди во Турција. Адвокатот рече „па јас го однесов Палчо пред два дена во Белград“. Проверивме, видовме дека пред два дена Васко и Палчо поминале граница. Раскажа дека по пат застанале во Ниш. И дека Палчо по пат му велел дека неколку дена го следи некое велешко возило „цитроен“. Ние мислевме дека сме на трагот на исчезнатиот Панче, во тој момент немавме поврзаност на случаите, нејасно ни беше зошто „цитроенот“ и „кангуто“ поминале пред зградата на Вања – рече Димовски.

Началникот укажа дека во разговорите со Кешишев се јавил сомнеж дека нешто крие.

-Спомнуваше некој Веља, некој од Велес, па не знам како се презиваше. Моите го побараа кој е Веља, по систем утврдивме Велибор Манев од Велес, му покажавме и слика од системот, рече тој е тој. Видовме дека еден од колегите рече, овој Веља невоља живее на иста адреса, на иста улица со Панче. Дојде нешто сомнително и интересно, некаква поврзаност. Цело време се координиравме јавниот обвинител, да не повторувам. Одлучивме да пуштиме распит до СВР Велес, да се пронајде лицето и изврши претрес, тоа беше многу доцна околу 12 ноќта отприлика..

Велешанецот падна во несвест кога полицијата отиде на претрес кај Вељо. Велешани ни кажаа дека кога отишле таму, паднал во несвест, кога ги видел. Го собраа, го приведоа и го донесоа во Скопје – сведочеше началникот Димовски.