Кон процесите на враќање на довербата во правосудството со (не)распуштање на судско-обвинителските совети
Во контекст на дебатата и дилемите за потребата од носење нов закон за Судскиот совет и за Советот на обвинители, како чекор кон реформа на судството за поголема доверба, правниците со децениско искуство констатираат дека вака поставените тела се покажале како нефункционални структурално и кадровски во смисла на спроведување на владеењето на правото, со тоа што со години довербата на граѓаните во правосудниот систем не се покачува над три отсто
Сите мерења и премерувања на довербата во македонското правосудство, во изминативе три-четири години, не успеаја да ја зголемат перцепцијата на граѓаните за ова прашање повисоко од три отсто. Сега, кога од македонските власти се размислува за радикални промени кон ефикасна правна држава заради владеење на правото (што беше побарано и од Брисел и од Вашингтон), како што е меѓу другото и распуштање на актуелниот Судски совет и Советот на јавни обвинители, се случува нешто исклучително интересно што произлегува од мониторингот и заклучоците на дел од ултраактивниот дипломатски кор во земјава.
Измени – неизмени
Имено, токму холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп (кој пред една година радикално запре еден проект за поддршка на Судскиот совет, по еден од скандалите со избор т.е. разрешување претседател на ова тело) вели дека довербата во правосудството пораснала на 8 отсто, но секако и тоа е само една десеттина од онаа доверба од 80 отсто што холандските граѓани ја имаат спрема правосудството во нивната земја.
Како реакција на ЕУ на негативните случувања во Судскиот совет, но и другите спорни случувањата во доменот на владеењето на правото во Македонија, беше испратена Оценска мисија, која даде четириесетина препораки за враќање на довербата во правосудниот систем. Пред неколку дена во Скопје се собра врвот на домашното правосудство и на меѓународната заедница за да дебатира за тоа до каде е имплементацијата на препораките на Оценската мисија на ЕУ, која направи скрининг на ситуацијата во Судскиот совет по низата проблематични одлуки и смени во ова тело. Пред неколку месеци, Оценската мисија на Унијата за состојбите во Судскиот совет изготви извештај со 40 препораки – 17 на краток, 17 на среден и шест на долг рок. Меѓу краткорочните препораки се исплаќање на буџет од 0,8 отсто од БДП за судската власта, законски измени со кои членовите на Судскиот совет што ги избира Собранието би се избирале како членовите на антикорупциската комисија – со јавно сослушување, како и при изборот на членови од редовите на судиите да има цензус при гласањето…
Генералната оцена на амбасадорите на ЕУ, САД и на Холандија во земјава – Дејвид Гир, Ангела Агелер и Дирк Јан Коп, е дека „напорната работа е започната, се гледа напредок, сега дозволете ни да ви помогнеме“. Истовремено беше нагласена потребата да се продолжи со брзи внатрешни реформи, како и да се спречат обидите за мешање од страна на политичките структури, но и да се врати довербата на народот во судскиот систем.
Дипломатскиот кор толкува дека радикалната мерка „распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители“ е директно мешање во независноста на судската власт
Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека идејата за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, која уште во предизборието беше наведена во програмата на партијата што сега ја има формирано Владата – е директно мешање во независноста на судската власт и нагласи дека доколку се случи тоа ќе предизвика сериозна загриженост кај Европската Унија.
– Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин што би ги нарушил принципите на поделба на власта. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција што сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството. Јасно е што треба да се прави, да се продолжи со брзи внатрешни реформи. Ова значи, како што реков, целосна имплементација на препораките од Оценската мисија, Патоказот за владеење на правото и Стратегијата за правосудниот сектор. Ова значи надградба на некои од позитивните колективни чекори на кои бевме сведоци во последните шест месеци и значи потиснување на обидите за мешање од политички или деловни интереси – рече Гир.
Американската амбасадорка Ангела Агелер во своето обраќање ја истакна важноста на Судскиот совет во трансформирањето на правосудството во земјава. Таа нагласи дека Советот е важно оружје што е потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Македонија, во една институција што им служи на своите граѓани, која ги штити невините и ги казнува оние што сметаат дека се над законот.
– Ќе се согласите дека останува многу пред вас. Извештајот од Оценската мисија на ЕУ е еден вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството. Судскиот совет е едно важно оружје во целиот арсенал што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството на Северна Македонија, во една институција што им служи на своите граѓани, која ги штити невините и ги казнува оние што сметаат дека се над законот. Затоа што денес, како што амбасадорот Коп живописно опиша, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска – истакна Агелер.
Во контекст на дебатата и дилемите за потребата за носење нов закон за Судскиот совет и за Советот на обвинители, како чекор кон реформа на судството за поголема доверба, правниците со децениско искуство констатираат дека вака поставените тела се покажале како нефункционални, и структурално и со кадровските пополнувања, во смисла на спроведување на владеењето на правото, и тоа резултирало со фактот што со години довербата на граѓаните во правосудниот систем не се покачува над три отсто.
– Сите случувања и скандали во овие тела, со години, како Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, покажаа дека вака како што се поставени се нефункционални и нецелисходни во смисла на спроведување на владеењето на правото. Таквата состојба алармантно укажува дека има потреба радикално да се промени концептот на постоење и функционирање на овие тела, пред кои одговараат сите судии и обвинители. Кога ќе се одлучува за концептот, ќе мора добро да се размисли и да се смисли закон за тоа каков Судски совет и Совет на јавни обвинители ни е потребен во Македонија, за да биде функционален, стручен и одговорен во смисла на поддршка и спроведување на владеењето на правото и на правната држава. Неопходно е од некаде да се тргне. А радикалните промашувања и грешки на овие тела бараат и радикални концептуални промени. На пример, уште поодамна, кога се носеше Законот за Судски совет, во 1996 година, мојот предлог беше да се примени словенечкиот модел, каде што половина од членовите на Судскиот совет се судии од Врховниот суд, кои активно ја извршуваат и таа должност на врховни судии. Сегашниот модел за избор на членови на Судскиот совет видовме дека овозможува да бидат членови и правници без судска практика, што е мошне непрофесионално! Затоа политиката го надвладеа правото – вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.
Во однос на стравувањата за запирање на постапките во случај на распуштање на Судскиот совет во периодот до конституирање на нов Судски совет и можноста да се создаде еден вакуум период (и да се создаде слична ситуација како со измените на Кривичниот законик каде што голем број обвинети беа амнестирани), поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, смета дека тоа се алиби-аргументи за продолжување на мандатите на актуелните членови на Судскиот совет.
Демократски принципи на тапет: „Мешање во независноста на судската власт“ и „мешање во внатрешните работи на Македонија“
На ставовите на амбасадорите Дејвид Гир и Ангела Агелер дека не смее да се наруши поделбата на власта со распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, бидејќи тоа би значело мешање во независноста и самостојноста на судството и на обвинителството, премиерот Христијан Мицкоски одговори со забелешка дека токму амбасадорите низ годините како да воспоставиле практика за мешање во внатрешните работи на Македонија.
– Ја слушнав таа изјава. Некако, стана практика амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. Но, во ред, дури и ако е така. За оваа коалиција гласаа 600.000 граѓани, се гледа дека тоа ништо не им значи. За политиките и програмата на оваа влада. Истите тие велат дека состојбата со правната држава е катастрофална. Истите тие во нивните извештаи велат дека криминалот и корупцијата цветаат. Довербата во Судскиот совет и во Обвинителскиот совет е на два-три отсто, се гледа дека работите не функционираат. Ако знаат подобро решение нека дојдат да покажат, јас сум подготвен да разговараме – одговори Мицкоски на новинарско прашање.