Пет години постои палачинкарата „Сакаш“, бизнис што започна скромно, во мал дрвен киоск од пет квадрати. Гордан Миленковски, тогаш само 19-годишен, ја имал идејата за сезонски бизнис во летните месеци, но наместо тоа „Сакаш“ многу брзо прерасна во постојан дел од скопската гастрономска сцена.
-Никогаш не мислевме дека ова ќе стане целогодишна приказна. Почнавме од љубов кон палачинките и желбата да направиме нешто поразлично. Но луѓето реагираа веднаш – и така малата идеја стана голема обврска – вели Гордан.
Иако почетната замисла беше нешто мало и привремено, палачинките на „Сакаш“ станаа вистински хит, производ што не е „само обична палачинка“, туку must try, must eat, must have искуство за различни генерации потрошувачи.
-Нашата цел отсекогаш била да направиме палачинка што ќе биде доживување. Не само вкусна, туку и искуство што се памети – додава Гордан.
Токму квалитетот и креативноста во понудата, комбинирани со искрена енергија и посветеност, овозможија „Сакаш“ да создаде лојална база на купувачи кои се враќаат повторно и повторно. Дополнително на тоа, беше фактот што „Сакаш“ од самиот почеток работи на дигитална промоција. Брендот почна да користи социјални мрежи како главна маркетинг алатка за да допре до младата публика и да изгради препознатлива заедница околу себе. Но, ни тоа не беше доволно да се излезе од микро-локалните рамки на првиот капацитет на „Сакаш“ во населба Илинден, иако многумина патуваат и до Илинден за да ги вкусат нивните палачинки.

Иако побарувачката постоела од самиот почеток, „Сакаш“ долго време не се осмелувал да воведе достава, чекор што бара сериозна логистика и организација. Пресвртниот момент дојде со партнерството со Wolt, кој ја презеде таа улога и овозможи палачинките да стигнуваат до поширока публика. „Ние знаеме да направиме одлична палачинка, но достава не беше нешто што можевме да го изведеме сами. Кога се појави Wolt, сфативме дека тоа е можност за раст без ризик – ние се фокусираме на вкусот, тие на брзината и сигурноста“, раскажува Гордан.
Резултатите не доцнеа – дневниот обем на продажба се зголеми за 20%, а бројот на испечени палачинки порасна. „Откако ќе ја примиме нарачката од Wolt, за девет минути таа е готова и уште за толку време е веќе кај потрошувачот. Верувам дека заедно создадовме најбрза достава во Скопје“, вели тој.
Оваа динамика и сигурноста што му ја овозможи доставата, го охрабрија тимот да оди чекор понатаму. „Сакаш“ веќе се подготвува за отворање на нов локал во голем трговски центар, со што и бројот на вработени порасна над 40 млади луѓе, со планови за дополнително проширување на понудата. „За нас ‘Сакаш’ не е само бизнис, ние градиме енергија и култура. Тимот е млад, мотивиран и знае да работи, но и да се дружи. Сакаме луѓето да доаѓаат на работа со насмевка, затоа често организираме тим билдинзи. Веруваме дека кога тимот е среќен, и палачинките имаат поубав вкус“, вели Гордан со насмевка.
Приказната на „Сакаш“ е пример како мал бизнис, со вистинска идеја, квалитет и соодветна поддршка, може да израсне во перспектива за поширок раст. Од мал киоск до бренд со препознатливо име, од сезонски план до целогодишен успех, „Сакаш“ докажа дека кога зад производот стои визија и љубов, палачинките можат да бидат многу повеќе од обичен десерт – тие стануваат дел од културно искуство што градот го прифаќа како свое.
































