- Според мислењето на стручното жири исклучително креативното претставување на холандскиот научник Антони ван Левенхук, пронаоѓачот на микроскопот и „основач на микробиологијата“ на Каја ѝ го донесе првото место на натпреварот
Каја Трпкоски, ученичка во 9. одделение, од ООУ „Лазо Трповски“ го освои првото место на натпреварот „Холандска наука“ организиран од Амбасадата на Холандија и Наука за деца.
Деветтоодделенката наградата ја освои во конкуренција на 77 учесници од цела Македонија. Учесниците на натпреварот требаа индивидуално да креираат плакат со лик на познат холандски научник на кој на креативен начин ќе биде прикажан неговиот научен пронајдок, односно изум.

– Моето учество на конкурсот за мене претставува големо искуство, успех и стимул за понатамошните мои предизвици од областа на уметноста и науката. Многу сум среќна и се чуствувам горда за освоеното прво место од 77 учесници од цела Македонија. Морам да бидам искрена, освоеното прво место ме изненади бидејќи сите дела што учествуваа на конкурсот беа изработени на многу креативен начин и стил, како да ги изработиле вистински уметници – вели Каја.
Според мислењето на стручното жири исклучително креативното претставување на холандскиот научник Антони ван Левенхук, пронаоѓачот на микроскопот и „основач на микробиологијата“ на Каја ѝ го донесе првото место на натпреварот.

– Изумите на холандските научници како што се Антони Ван Левенхук и Кристијан Хајгенс и делата на холандските уметници Рембрант, Јан Вермер, Јан Ван Ајк, Херонимус Бош, Ван Гог и Пиет Мондриан силно ме потикнаа и инспирираа да направам спој помеѓу науката и уметноста, а со тоа да ја постигнам целта, да направам добар дизајн. Убедена сум дека ова е само почеток на моето понатамошно учество на вакви ликовни конкурси, а се надевам во догледно време и на моја прва самостојна изложба – вели ученичката.
Каја е одлична и примерена ученичка, која претходните години успешно го претставуваше своето училиште на училишни, општински и државни натпревари по предметите биологија, хемија и географија.
– Сакам да се заблагодарам на моето училиште, на моите наставници и на мојот класен раководител, кои ми даваат целосната подршка и ме инспирираат да продолжам со моите успеси во иднина – вели ученичката.

Во цртањето се вљубила уште од градинка, на пет-шест годишна возраст.
– Цртањето за мене представува повеќе од хоби, ме прави среќна и се чуствувам исполнета. Најчесто цртам портрети, мртва природа, како и делови од човечко тело, а во последно време моја пасија е јапонската стрип-уметност, цртам и читам манга-стрипови, кои во моментов се многу популарни кај нас. Освен цртањето, слушам музика, многу сакам да возам ролери и велосипед. Во зима со моето семејство одиме на скијање, а цел летнен распуст го поминувам во Охрид, секој ден сме на плажа каде што пливаме и нуркаме во Охридското Езеро – објаснува Каја.
Таа има и брат-близнак со кој редовно посетуваат часови по пливање.
– Омилен спорт ми е пливањето, активно спортувам веќе осма година, моментално со мојот брат-близнак Матеј членуваме во пливачкиот клуб ,,Вардар 2018“ – Скопје, а преку летниот период припремите ги правиме со пливачкиот клуб ,,Акваспринт“ – Охрид. Имам учествувано на повеќе пливачки митинзи и натпревари каде што имам постигнато добри резултати и награди. Пливањето, како и уметноста, кај мене предизвикуваат чувство на среќа, исполнетост и самодоверба – вели Трпоски.
Наградената ученичка вели дека вечна инспирација ѝ се нејзиното семејство, а љубовта кон уметноста и науката влечат корени од нејзиниот дом.

– Потекнувам од многу креативно и уметничко семејство, мојата мајка има голем талент за естетика, а мојот татко, кој по професија е уметник и дизајнер, се мојата инспирација и подршка за успесите што ги нижам. Во нашиот дом имаме голема колекција книги и енциклопедии од областа на уметноста, науката и дизајнот, кои многу често ги листам и читам, а со тоа го проширувам моето знаење за уметноста и науката. Многу често патуваме и посетуваме градови и места што се богати со културно-историски споменици и музеи. Омилена земја ми е Италија, која ме инспирира со нејзината култура и уметност, а и мој сон еден ден да продолжам со моето образование на престижните универзитети во Фиренца, Болоња и Рим – вели Каја.

Таа вели дека во иднина се надева ќе учи и ќе се занимава со нешто што ќе ги спојува науката и уметноста.
– За мене во моментов тоа е многу тешко прашање да одлучам дали повеќе ја сакам науката или уметноста, ги сакам и двете работи подеднакво. Но ако ме прашувате каде се гледам во иднина, многу сум среќна сум што постојат школи од областа на дизајнот каде што се прави спој на овие две науки – додава Каја.
Каја на овој натпревар учествуваше под менторство на предметниот наставник по германски јазик, Стефан Симовски.

– Информацијата за натпреварот ја видов сосема случајно на социјалните мрежи и веднаш ми побуди интерес. Со оглед на тематиката на натпреварот и барањата за работа со графички програми им ја понудив на учениците од деветто одделение.
Каја, која имаше добри познавања од работа со компјутерски дизајн односно графички програми се пријави да учествува на натпреварот. Многу ми се допадна идејата за изгледот на плакатот на Каја и го пратив кај организаторите. Да бидам искрен кога на изложбата ги видов сите околу осумдесет проекти не очекував дека ќе биде првопласиран – вели наставникот Симовски.
Организаторите „Наука за деца“ велат дека секоја година различна земја им е во фокус за ваквите натпревари. Следната година планираат тоа да биде Македонија.
– Секоја година НЗД конференцијата има дел посветен на научници од конкретна земја. Лани тоа беше Франција, оваа година решивме да соработуваме со Холандската амбасада за да промовираме научници и научни концепти од земјата на лалињата. Добивме преку 70 постери посветени на холандска наука, а потоа нашето жири имаше тешка задача да додели шест награди. Најголем дел од постерите беа направени со вештачка интелигенција, но оние што победија во постерите вградија дел од себе и им дадоа човечка димензија. Се одлучивме првата награда да ѝ ја доделиме на Каја Трпкоски, затоа што нејзиниот постер посветен на таткото на микробиологијата Антони ван Левенхук, беше совршена комбинација од дигитален дизајн и лична креативност. Презадоволни сме од одѕивот и уште од сега може да кажеме дека и догодина ќе продолжиме со истиот концепт. Овој пат фокусот ќе биде на македонската наука и научниците родум од Македонија – вели Драгана Стикова од „Наука за деца“.

































