Фото: Маја јаневска Илиева

Предлог-законот за високото образование предвидува дека за дел од регулираните професии нема да биде дозволено вонредно студирање, што е во функција на јавниот интерес на државата, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостување во утринската програма на ТВ Алфа, соопшти Министерството за образование и наука, а МИА ја пренесе изјавата интегрално.

Таа појасни дека и досега не било дозволено вонредно студирање на Медицинскиот факултет, а со новото законско решение тоа ќе важи и за наставничките факултети. Според Јаневска, целта е овие студии да се унапредат и модернизираат, со што ќе се обезбеди поквалитетен наставен кадар и подобри образовни резултати во иднина.

-Ова е од јавен интерес. Треба да добиеме поквалитетен образовен производ – ученици со подобри знаења и подобро позиционирање на меѓународните мерења, а не да бидеме на дното на листите – истакна Јаневска.

Министерката нагласи дека со новиот закон се направени бројни измени во однос на претходното законско решение, при што фокусот е ставен на студентите. Како што рече, воведени се повеќе значајни поволности, меѓу кои предност при вработување за студентите кои ќе се вратат од студии на првите 100 светски универзитети, добитниците на „Инженерски прстен“ и најдобрите 10 студенти на универзитетите.

Дополнително, продолжен е мандатот на студентските претставници од една на две години во сите универзитетски и факултетски тела, овозможено е нивно ангажирање на проекти, како и утврден минимален надомест за студентите демонстратори. Според Јаневска, реакциите на овие измени се исклучително позитивни.

Таа информираше дека со предлог-законот, за кој јавната расправа започнува денеска на Универзитет „Мајка Тереза“, се предвидуваат и промени во организацијата на универзитетите, како и во критериумите за избор во наставно-научни звања.

Во моментов, како што посочи, се водат дискусии за заострување на критериумите, при што ќе се бара поголем научноистражувачки ангажман и објавување трудови во реномирани меѓународни научни бази, како Web of Science и Scopus, како и зголемена цитираност на научните трудови.

-Законот јасно инсистира на интернационализација на факултетите, нивно поврзување со странски универзитети, особено во европскиот простор, како и можност за заедничка настава и двојни дипломи. Станува збор за структурни промени што ќе придонесат за значително унапредување на квалитетот во високото образование – нагласи Јаневска.

Таа потенцираше дека Министерството не смее да се меша во креирањето на студиските програми, бидејќи тоа е дел од универзитетската и студентската автономија, но законот обврзува тие програми да се модернизираат.

Според новиот модел, студирањето ќе биде модуларно, што ќе бара креирање нови студиски програми, а зајакнатите критериуми за избор во звања ќе поттикнат наставно-научниот кадар повеќе да се посвети на научната работа и стекнатото знаење да го пренесе на студентите.

Јаневска потсети дека во минатото постоел закон со повисоки академски барања, кога македонските универзитети биле повидливи на меѓународните ранг-листи, додека подоцнежното намалување на критериумите довело до пад на нивниот рејтинг.

-Сега очекуваме повторно постепено подобрување. Нашите универзитети и научници треба да станат препознатливи на меѓународно ниво, да понудат квалитет и да привлечат повеќе студенти, вклучително и странски. Вмрежувањето со странски универзитети ќе донесе бенефити и за наставно-научниот кадар и за студентите, преку размена на знаења и искуства – заклучи министерката Јаневска.