МАКЕДОНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА НА ИСТОРИСКИОТ САМИТ НА АЛИЈАНСАТА ВО ВАШИНГТОН
Геополитичките промени, особено политичките потреси во Европа, како што се изборите во Франција, да не зборуваме за украинско-рускиот конфликт, и ноемвриските избори во Америка, не даваат простор за многу славење, туку повеќе ќе се размислува какво НАТО ќе се гради за потребите на 21 век според западната призма. Виктор Орбан е во очајничка трка со времето во потрага по мир – ќе се чуе ли неговиот глас во Вашингтон?
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, ја предводи македонската делегација што ќе учествува на самитот на НАТО во Вашингтон, кој почнува денеска и на кој ќе се одбележат 75 години од основањето на Организацијата на северноатлантскиот договор (НАТО). Историски моменти затоа што се одбележува постоењето на најмоќниот воен сојуз создаден во модерната историја, алијанса што го преживеа и надживеа источниот воен блок, кој беше под капата на бившиот Советски Сојуз, но згаснат по распадот на блоковската поделба. Моменти кога светот не само што ќе ги мери зборовите на претседателот на САД, Џо Бајден, кој е домаќин на самитот, туку и ќе се анализираат секое зборче и запирка за да се види каде ќе оди НАТО во 21 век. А каде оди НАТО оди и Македонија, како рамноправна членка на Алијансата од 2020 година. Или според членот 5 од Вашингтонската спогодба, основачкиот акт на Алијансата, „напад на членка е напад врз сите“, за нас прашањето е: еден за сите, сите за еден – а дали ние ќе бидеме за некаде“? Односно дали ќе станеме респектабилна земја со своја респектабилна армија способна да ги чува границите и безбедноста на земјата? Дали ќе создадеме услови да носиме одлуки самостојно кога е во прашање националниот или државен интерес? Дали ќе знаеме што е најдобро за нас?
ПОЛИТИЧКИТЕ ПОТРЕСИ – ТЕСТ НА НОВОТО НАТО
Настаните на светската мапа, а особено во Европа и во САД се извонреден тест за можностите на новото НАТО. Франција поминува политички земјотрес, Германија ја очекуваат неизвесни избори, при што трендот во Европа е раст на десницата, во Средна Европа се формира своевиден бедем за емигрантите, а Бајден е на нестабилни нозе дури и за својата номинација. Што ако Доналд Трамп стане повторно претседател? Што ќе се случува тогаш со и во НАТО? Украина и Русија се далеку од примирје, а нема назнаки за прекин на конфликтот во Газа.
За ова се очекува да се дебатира во Вашингтон, а на вашингтонската „шведска маса“ главна тема ќе биде состојбата во Украина, но и трите темелни столба на НАТО – засилувањето на одвраќањето и одбраната, зајакнувањето на трансатлантската одбранбена индустриска соработка и зголемувањето на одбранбеното производство. Каде ќе оди НАТО? Одговорот може да биде во една од главните теми – зацврстувањето на глобалните партнерства со земјите од Индопацифичкиот Регион. Јапонија и Филипини само што сковаа воен пакт (дали во заднината на овој потег е Кина и само Кина, или е поттикнат од Америка?), а веќе е во функција и де факто воениот пакт АУКУС меѓу Америка, Австралија и Велика Британија. Дали се раѓа ново азиско НАТО?
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој по самитот ќе биде заменет со Марк Руте, во пресрет на самитот порача дека поддршката за Украина ќе биде „најитната задача“ на Алијансата и дека очекува шефовите на држави или влади на членките на пактот да договорат „значителен пакет“ за Киев.
– НАТО ќе ги преземе координацијата и обезбедувањето на најголемата меѓународна безбедносна помош – изјави Столтенберг.
Дали ова значи и чекор кон членство на Украина во НАТО? Според поранешниот амбасадор на САД во НАТО, Курт Волкер, во моментов членството на Украина е зад црвените линии и тие во скоро време нема да се преминуваат.
КАДЕ Е МАКЕДОНИЈА ВО ОВИЕ КОМПЛЕКСНИ ВРЕМИЊА?
Во пресрет на самитот, како една од најзначајните политички случувања, покрај изборите во Франција, секако е „мировната мисија“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој ја посети Украина, потоа Русија и конечно и Кина. Дали Орбан се тркаше со времето? Дали ќе се чујат неговиот глас и повиците за мир во Вашингтон? Сосема неизвесно, иако се чини дека воената реторика и во семејството на НАТО преовладува врз мировната реторика.
Столтенберг нагласува дека Кина значително ја помага руската агресија во Украина.
– Сите тие сакаат НАТО и САД да доживеат неуспех во Украина. Ако Путин победи во Украина, тоа не само што ќе го охрабри претседателот Путин туку и претседателот Си (Џинпинг). Како што рече јапонскиот премиер: Она што се случува во Украина денес може да се случи утре во Азија – потенцираше Столтенберг.
И уште еден интересен момент што е еден од маркерите каде ќе оди НАТО по Вашингтон – на самитот присуствуваат Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја.
– Ова покажува дека светот станува сѐ покомплексен – пишува порталот „Политико“.
Ќе се согласиме дека е така, затоа и се очекува од 32-те членки да се донесат важни одлуки. Меѓу нив е и Македонија. Каде и како е позиционирана на геополитичката мапа? Прашањето или политичката дилема на нацијата – дали да бидеме или не членка на НАТО е окончана некаде во 1991-1992 година кога по сериозните размислувања и предлози Македонија да биде неутрална (претходно во состав на СФРЈ беше неврзана) консензуално се донесе одлука да се бара членство во Алијансата (како и во Европската заедница). Па така, од земја што бараше надворешна помош за безбедноста, прва мисија беше УНПРЕДЕП на ОН, таа влезе во програмата на НАТО, „Партнерство за мир“, уште во 1995 година. Армијата на Македонија со своите специјални сили учествуваше и учествува во повеќе странски мировни мисии: Решителна поддршка (Авганистан), ИСАФ (Авганистан), Слобода за Ирак, АЛТЕА, КФОР, УНИФИЛ, ЕУТМ ЦАР и Зајакнато истурено присуство (нов механизам на НАТО). За жал, една од мисиите на АЛТЕА заврши трагично кога во хеликоптерска несреќа загина целиот воен контингент специјалци на слетување на аеродромот кај Петровец. Почит за хероите!
Познавачите на околностите сметаат дека Македонија била најблиску до членството во НАТО во 1999 година кога земјата донесе одлука да ѝ ја отстапи својата територија на Алијансата за воената интервенција врз СР Југославија. Но тогаш наместо членство, државното раководство се задоволило само со безбедносни гаранции добиени од тогашниот генерален секретар Хавиер Солана. Зошто не се побарало членство останува нејасно.
А вистинскиот тест за безбедносните сили беше во 2001 година со военото навлегување на структури од Косово (потврдено и од американскиот Стејт департмент), поддржани од домашните албански вооружени терористички формации. Но тоа досие останува неразјаснето и за тој период и ден-денес има спротивставени ставови, како и за улогата на НАТО во тој период. Сето ова е поука дека за сѐ треба да се има свои анализи и за сѐ треба да се прават и сопствени одговори во интерес на зачувување на безбедноста и суверенитетот на земјата.
Според воената доктрина, секоја земја е должна да има ресурси да се брани себеси. Воени стручни лица сметаат дека АРМ е целосно интероперабилна со структурите на НАТО, но тие се крајно резервирани да ги коментираат прашањата поврзани со моменталната воена способност на армиските структури. За нив останува отворена дилемата „дали на Украина, која ни помогна во 2001 година, и возвративме со претерана љубов“?
Пакт меѓу ОН и НАТО?!
За аналитичарите и стратезите особено е важен речиси тајниот пакт меѓу ОН и НАТО за – „зачувување на светскиот мир“. Особено ова е значајно, а за многумина и загрижувачки затоа што НАТО е воен сојуз со нуклеарни потенцијали, додека генералниот секретар, наводно, се поставил над својот мандат во ОН и потпишал нешто што не смеел да потпише.
Процесот на подлабока соработка меѓу светската организација и Алијансата почнува во 2007 година кога тогашниот генерален секретар Бан Ки-Мун прави посета на седиштето на НАТО во Брисел каде што истакнува: „Јас сум цврсто убеден и охрабрен од тоа што НАТО придонел за мирот и безбедноста во светот. Имаме исти цели, и се обврзуваме на блиска соработка и во иднина“.
Оваа соработка ќе биде официјализирана во Њујорк на 23 септември 2008 со потписите на Бан Ки-Мун и на Јаап де Хооп Шефер.
Од зборови е поминато и на дела, па има повеќе мисии на ОН што ги презело НАТО. Овој пакт одново е на сериозен тест – дали ОН и НАТО ќе успеат да го зачуваат светскиот мир. И на каков начин?
АРМ даде најмногу за Украина
По жител, Македонија, односно АРМ, даде најмногу помош за Украина, смета еден висок поранешен офицер, кој добро е запознаен со моменталните капацитети на македонските вооружени сили.
– Ние на Украина ѝ ги дадовме сите тенкови „Т 72“. Останавме без тенковскиот баталјон. По жител, ова е најголема донација од која било земја што ѝ донирала на Украина. Не велам дека не требаше да им помогнеме на Украинците, впрочем тие ни помогнаа нам во 2001, иако ние си плативме за дел од вооружувањето, но прашањето е дали сме дале многу повеќе отколку што може да си дозволиме, вкалкулирајќи ја и сопствената безбедност – вели офицерот, кој инсистираше на анонимност.
Тој истакнува дека секоја земја е должна да има ресурси првин сама да се брани, а потоа да придонесува за другите.
– Има нешто што се нарекува неприкосновена резерва, а ќе треба новата влада да види дали сме под потребното ниво на тие резерви. Во Словачка токму за прекумерната помош е отворен процес за велепредавство. Останавме и без воздушниот ВИНГ, ги отсекоа крилјата. Да, велиме ние сме под одбранбен чадор, но НАТО не може за сѐ да ве брани. Постојат многу внатрешни и регионални безбедносни ризици – вели офицерот.