Фото: „Нова Македонија“

Ѓорѓи Илиевски,
виш просветен инспектор во пензија

Системот на образование, почнувајќи од предучилишното, основното, средното и високото образование, дејствува заемно поврзано по принципот на сврзани садови. Без стандардизирано и квалитетно предучилишно, основно и средно образование, не може да се очекува да се реализира и квалитетно високо образование. Оттука, неопходна е целосна реформа во сите степени на образованието (предучилишно, основно, средно и високо образование, вклучувајќи ги тука постдипломските и докторските студии). Каков е квалитетот во основното и во средното образование покажуваат резултатите од тестирањето на учениците од Република Македонија на меѓународните натпревари. Сериозна загриженост предизвикуваат резултатите од тестирањето на ПИСА (кои се провлекуваат повеќе години), на кое учениците од Република Македонија (15-годишници) ги заземаат претпоследните места во Европа.

Кој е стожер во едно општество?

Стожерот на секое општество е образованието. Во Македонија веќе подолго време тоа е подложено на постепено деградирање, уништување, за денес, за жал, да може да се констатира дека е претворено во пепел, пеплосано, но фениксот почнува да се воздигнува токму од пепел… Во Македонија реформите во образованието се толкуваат многу повеќе како средство за постигнување определени политички цели наместо како механизам за негување на демократските општествени односи, промоција на граѓанското општество, интелектуалноста и колективниот одговор на кризите, коишто се длабоко вкоренети во нашите економски, социјални и политички системи.

Образованието на сите степени е во криза. Во моментов, во образовниот систем во Македонија се разоткриени голем број скандали, од обелоденувањето квазинаучни трудови и препишување, трудови што се целосно плагијати, до непотребни заеми од Светската банка за небулозни, беспредметни и некорисни проекти. Всушност, образовниот систем во Македонија, само го отсликува македонскиот политички амбиент, од излегувањето од федерацијата, па наваму. Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам, недостиг од контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси. Образованието во Македонија е во криза, а деградацијата на образованието е застрашувачка. Образовната политика се игнорираше, но затоа се форсираше „политиката во образованието“ на сите степени од образованието.

Затоа и во извештајот на Европската комисија (ЕК) за образованието ни укажуваат да се фокусираме и да се донесе Законот за средно образование и за стручното образование и обука, да формираме и да операционализираме регионални центри за стручно образование и обука (ВЕТ-центри), како и да се донесе Законот за возрасни. Во извештајот на ЕК се истакнува дека треба да се подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и за децата Роми, да се зголеми уписот во предучилишната возраст и да се подобри поддршката за обука и професионален развој на наставниците. Исто така, во извештајот на Европската комисија се истакнува дека треба да се воспостави соработка меѓу компаниите, средните стручни училишта, стопанските комори и МОН. За поддршка на праксата на учениците во приватните компании поддржани од јавно-приватно партнерство и слично

I Предучилишно воспитание и образование

Предучилишното воспитание и образование во системот на воспитанието и образованието е специфично во однос на другите потсистеми. Долги години, предучилишното воспитание и образование не е третирано како составен дел на системот или постоело само декларативно определено предучилишното воспитание за да се стави во системот, додека во праксата е укажувано на поинаков однос на овој потсистем во однос на другите. Со реформата на школството од 1958 година, предучилишното воспитание и образование, во согласност со стручно-научните сознанија од развиените земји и воспитно-образовните системи, го наоѓа своето место во системот на воспитанието и образованието за што станува примарен и почетен степен на системот на воспитанието и образованието. Само да се констатира дека Македонија нема закон за предучилишно воспитание и образование, како Р Србија, Р Хрватска, Р Бугарија, Р Словенија, туку се третира во Законот за заштита на децата со Програмски активности за ран детски развој, само по себе тоа е нонсенс, парадокс што има дисконтинуитет, неповрзаност, односно нема функционална поврзаност со основното воспитание и образование. Тоа го потврдуваат најновите научни достигнувања и истражувања за улогата и значењето на раното учење врз целокупниот развој на личноста. Затоа е од потреба закон за предучилишно воспитание и образование и да се интегрира со Министерството за образование и наука и да стане интегрален дел од единствениот воспитно-образовен систем.

II Основно воспитание и образование

Основното образование по опфатот на ученици и според важноста и актуелноста претставува централен фундаментален и базичен систем на целокупниот воспитно-образовен систем, инкорпорирајќи го во себе примарното и задолжително основно деветгодишно образование.

Во делот на реформите во основното образование, тие треба да тргнат од реформација на наставникот, кои се неговото место, улога, значење и интегритет на наставникот, како клучен фактор во образовниот систем, преку модернизирање на наставните програми и нивно приспособување со потребите на новото време и усогласување со возраста на учениците и способноста за апсорпција на знаењата, напуштање на практиката на некритичко преземање на наставните програми од други земји, развој на креативното размислување и учење на децата од најмала возраст.

Таканаречената концепција за основно образование што ја туркаше Цароска, а продолжи да ја турка и министерот Јетон Шаќири, иако критикувана и оспорувана од УКИМ, МАНУ и од другите институции, продолжува да се имплементира. Да, во Македонија се потребни реформи во образованието, но, ослободени од наметнатите политички стеги, кои ќе бидат транспарентни, постепени и ќе водат сметка за целиот образовен систем. Реформи да, но не неосмислени и нетемелни.

Концепцијата за основното образование на Мила Цароска

Поранешната министерка за образование и наука Мила Цароска, која е носител на таканаречената концепција за основното образование, од март 2021 година, формира „експертска екипа“ и членови на работни групи за изработка на концепцијата, и тоа: од професори на Филозофскиот факултет и Педагошкиот факултет при УКИМ-Скопје, од УГД-Штип, од Бирото за развој на образованието (БРО)… Овие членови, прогласени како „експерти“, ја прават концепцијата за основното образование. Но истите овие „експерти“ не ги согледуваат истражувањата констатирани од меѓународните истражување – колку училиштата се по мера на детето?

Како наставниците гледаат на потребите од реформирање на основното образование

Од истражувањето спроведено од Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО), во текот на ноември 2000 година, на 4.168 наставници од основното образование (2.168 предметна наставници и 2.000 одделенски наставници), се заклучува дека тие го изразуваат своето мислење за потреба од реформирање на образованието. Но никаде во истражувањето наставниците не го истакнуваат мислењето наставните предмети: Физика, Хемија, Биологија и Географија да бидат во еден предмет наречен Природни науки или да нема учебници. Според самите резултати од наставниците, нивното мислење е:

• Неопходно е да се реформира образованието за да се подобри;
• Учебниците да бидат приспособени на учениците или на барањата на наставните програми и запоставеноста на воспитните компоненти;
• Учебниците и наставните материјали се најприоритетна сфера на реформирањето. Подготовка на нови учебници по повеќето предмети. И овозможување поголема слобода да користат и други наставни материјали со учебниците;
• Реформирање на наставните програми за усогласување на содржините и целите со потребите – интересите на учениците и намалување на обемот на наставни теми;
• Обука на наставниците и/или на наставниот план како најприоритетна сфера на реформирање;
• Оценување и поучување – наставниците укажуваат на начини за подобрување на образованието со користење разни техники, како што се: тестови, усни испрашувања, проекти, изведбени активности. Учениците да имаат помалку предавања, а повеќе да работат на истражување и проекти, наставниците да користат повеќе интерактивни методи, кои обезбедуваат поголема слобода, да користат повеќе разновидни наставни методи или наставни материјали (видеоматеријали/аудиоматеријали, дигитални содржини, креирани сценарија што сами ќе ги избираат или креираат)….

Понатамошни парадокси од таканаречената нова концепција

Во анализата во т.н нова концепција, во наставните планови од шесто до деветто одделение се исфрлени наставните предмети: Историја, Географија, Физика, Хемија, Биологија, а наместо тие предмети учениците ќе изучуваат нови два наставни предмета: Природни науки и Историја и општество.

Во наставната програма за Природни науки се опфатени некои содржини од наведените наставни предмети што се укинуваат. Наставата во една учебна година треба да ја предаваат три наставника, секој од своeто научно подрачје, а вреднувањето на постигнувањата на учениците ќе бидат математички просек од трите поединечни оценки.

Предметот Историја и општество, според т.н. нова концепција, опфаќа дел од наставната содржина од предметите Историја, Географија и Граѓанско образование, кои повеќе нема да бидат дел од наставните планови. Така, во програмата за шесто одделение, децата по овој нов предмет ќе учат за старите цивилизации, за ориентација во просторот и за закони.

Наставната програма по предметот Македонски јазик за шесто одделение предвидува целосно исфрлање на делот на историјата на јазикот и улогата на словенските просветители Свети Кирил и Методиј во создавањето на словенската писменост и првото словенско писмо.

Исто така, се поставува прашањето: Зошто е намален бројот на часови по македонски јазик во наставата за малцинствата? Имено, наставниците по македонски јазик во наставата за малцинствата во основното образование алармираат за една скриена „реформа“ во наставната програма за овој предмет. Имено, во учебната година, со овие наставни програми, наместо три часа неделно да се предава македонски јазик, ќе се предава само два часа.

Според (т.н.) нова концепција за основно образование, предметите Информатика и Техничко образование, учениците ќе ги изучуваат во нов наставен предмет Техничко образование и информатика, со намален број часови и наставни содржини.
Во средните стручни училишта е намален бројот на часови по Англиски јазик, од три часа на два часа седмично, додека во гимназиите се изучува со три часа седмично, со што учениците од средните стручни училишта при полагање државна матура се во подредена положба од учениците во гимназиите. Дали е ова дискриминација кон учениците од средните стручни училишта??

Со ваквите парадокси, образованиот систем без Историја, Географија, Биологија, Физика, Хемија, поточно систем во кој во два наставни предмета се спојуваат мал дел научни вистини, не може да биде силен и не може да произведе квалитетно образование.

Исфрлањето на историскиот дел од македонскиот јазик од наставната програма за шесто одделение, за научната и педагошката фела е недопустливо и недозволиво. Јазикот е идентитетско обележје на секој народ и никој нема право да го исфрла од наставната програма она што ја дефинира македонската нација.

Каква е ситуацијата со основните училишта

Ситуацијата е таква што најголем број училишта држат настава во две смени. Тоа е една од причините зашто учениците во Македонија добиваат помалку часови настава. Од друга страна, тоа ги ограничува ширината и длабочината на наставата и можностите за дополнителни предмети или дополнителни часови за учениците. Поконкретно кажано: на шестгодишна возраст, првачињата во Македонија имаат едно од најниските нивоа на планирано време за настава (552 часа) меѓу 79 земји што учествуваат на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА). Додека достигнат четиринаесетгодишна возраст, овие ученици ќе имаат околу 900 часа помалку настава од просекот за учениците низ земјите на ОЕЦД. За да се надмине овој предизвик, реформата на основното образование треба да има цел да се зголеми бројот на часови за настава. Но за да се зголеми бројот на часови, мора да се зголеми времето, училиштата треба да создадат услови за работа во една смена. Со реформата се предвидени и ревидирање и воведување нови образовни стандарди, вклучително и стандарди за училишна инфраструктура и опрема, како и за пристапност и безбедност. За да се исполнат овие стандарди треба да се приспособи физичката инфраструктура или преку дополнителни инвестиции или пренамена на недоволно искористени згради.

(продолжува в понеделник: Опсервации за средното образование)