Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши попладнево за МИА информираа дека од страна на 16 пратеници од „Европски фронт“ поднесена е иницијатива за формирање на Анкетна комисија за истражување на селективен и едностран пристап на правосудниот систем во третманот на трагедијата во Кочани.
Оттаму појаснуваат дека предлог за основање на Анкетна комисија можат да поднесат најмалку 20 пратеници.
– Собранието на Република Северна Македонија не може да започне процедура бидејќи според член 76 став 3 од Уставот е утврдено дека предлог за основање на анкетна комисија можат да поднесат најмалку 20 пратеници – посочуваат од Кабинетот на претседателот на Собранието.
Од прес-службата на Јавното обвинителство денеска соопштија дека јавните обвинители од тимот кој ја води предистражната постапка за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот на 16 март го загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени, континуирано преземаат повеќе истражни дејствија за обезбедување докази, а такви дејствија, кои вклучуваат распити, анализи и вештачења од голем обем и во однос на повеќе различни институции се во тек и денеска, информираат од прес-службата на ЈОРСМ.
Меѓутоа, за да се зачува тајност на постапката и да се спречи компромитирање на доказите, од Обвинителството посочија дека не е во можност во моментов да открива повеќе детали за активностите.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Меѓу нив е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши од редовите на ДУИ. Со истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Од ДУИ денеска повторно побараа независна истрага за „Пулс“, надвор од рацете на оние што, како што велат, ја овозможиле трагедијата.
– Јасно е дека на власта не ѝ е потребна правда, туку алиби. Тоа не смее да се премолчи и затоа јавно бараме: Итна суспензија на целата командна структура по вертикала во МВР и Бирото за јавна безбедност, кои знаеле за проблемите со ПУЛС, а не реагирале; Независна истрага, надвор од рацете на оние што ја овозможиле оваа трагедија, со цел да се утврди под чија заштита му е обезбедено на објектот ПУЛС да работи и отворање нов процес против сите оние кои активно работат на прикривање на вистината и креирање монструозни случаи како алиби за вистинските виновници – изјави Арта Билали Зендели од ДУИ.
Во однос на барањата на опозициската СДСМ да се формира Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, и на барањето на ДУИ во истрагата да се вклучат и странци, премиерот Христијан Мицкоски завчера рече дека „не бегаат од никаква Анкетна комисија, но би сакале да ја прошират и за останатите случаи освен за Кочани.
– Јас апсолутно не бегам од никаква Анкетна комисија, претпоставувам ниту пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата нема да бега, но би сакал да ја прошириме со сите овие останати судски случаи кои завршија на начин на кој завршија. Така што, подготвени сме да разговараме, да дебатираме со секој оној којшто може да помогне или да додаде вредност – изјави премиерот Хрстијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на Ново Село.
Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, денеска на прес-конференција во Собранието рече дека би поддржале предлог за таква Анкетна комисија, како и дека оставаат шанса на институциите за професионална и неселективна истрага за трагегијата во Кочани.
– Оставаме шанса на институциите. Истрагата е во тек и затоа нашиот став е дека треба професионално, неселективно да се заврши целата истрага. Да не опструираме во текот на истрагата. По завршување на истрагата како СДСМ ќе излеземе со став за нашите идни дејствија. Во моментот кога ќе заврши истрагата зависно од резултатите од истрагата. Цело време и на прес-конференциите од страна на раководството и од пратениците оставаме шанса да видиме неселективна и професионална истрага и врз основа на истрагата ќе ги градиме идните ставови на СДСМ – рече Тренчевска, одговарајќи на прашањето дали СДСМ ќе ја поддржат идејата на ДУИ за формирање на собраниска Анкетна комисија за неселективна правда за случајот во Кочани.