Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања не постигнаа договор за учебниците во Бугарија, а темата за заедничко чествување на Гоце Делчев не беше воопшто дискутирана.
– Откако на претходните средби беа дискутирани учебници во Р. Бугарија по историја за 6 клас, членовите на Комисијата водеа исцрпна дискусија за забелешките на колегите од РБ за македонските учебници по историја за седмо одделение. Дискусијата во најголем дел се водеше за пристапот и формата на препораките за учебниците. Остануваат големите разлики во пристапот и погледите како да се формулираат препораките за учебниците по историја – соопшти македонското Министерство за надворешни работи по состаноците на Комисијата што се одржаа вчера и денеска.
Од македонска страна биле предложени неколку идеи како да се надминат точките во учебниците кои имаат потенцијал да ја политизираат историјата и со тоа да поттикнуваат нови или ги одржуваат во живот политичките спорови.
– Македонската страна ќе продолжи да инсистира на почитување на принципите и препораките на УНЕСКО, Советот на Европа и други релевантни меѓународни и академски институции како најсоодветен начин за надминување на историските спорови и деполитизирање на историјата и историското образование и исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан помеѓу Република Македонија и Република Бугарија во 2017 година – се наведува во соопштението.
Од МНР додаваат дека поради долгата и исцрпна дискусија за учебниците, темата за заедничко чествување на Гоце Делчев не била воопшто дискутирана.
Следната редовна средба на Комисијата ќе се одржи на 10 и 11 јуни.