Фото: МИА

Животниот стандард на земјите од Западниот Балкан е значително понизок во споредба со Европската Унија, а за да се намали овој јаз и да се спречи одливот на мозоци, неопходни се интернационализација на универзитетите и зајакната регионална соработка. Ова го истакна Ксиаогинг Ју, директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија при Светската банка, на отворањето на регионалната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, што се одржува во Скопје, пренесе МИА.

Таа нагласи дека инвестирањето во човечкиот капитал е клучно за надминување на економските и демографските предизвици во регионот.

-Високото образование е во сржта на оваа амбиција. Како што сте свесни регионот се соочува со сложени предизвици, почнувајќи од стареењето на населението до сериозна миграција надвор. Исто така, некои од земјите имаат двоцифрени проценти на намалување на младото население споредено со 2010 година – рече таа.

Осврнувајќи се на миграцијата на младите и образовани кадри, Ју потенцира дека таа не мора нужно да значи загуба за државите.

-Има докази дека со конкретни политики, стимулации, добро креирани политики за мобилност, надворешната миграција може да стане циркулација, па дури и прилив на мозоци – нагласи таа.

Според неа, Светската банка веќе две децении ги поддржува реформите во високото образование во регионот, вклучително и во Македонија, со фокус на подобрување на квалитетот.

-Нашиот ангажман е одраз на нашата увереност дека регионалната соработка во областа на високото образование е една од најмоќните, честопати недоволно искористени можности што може да доведат до развој, раст и креирање на подобри работни места и до поголема конвергенција со европскиот животен стандард – рече Ју.

Таа додаде дека мобилноста треба да се претвори во предност, а не во загуба, преку создавање услови младите да се вратат и да придонесат во своите земји.

-Земјите од Западен Балкан имаат мали економии кои што тешко се натпреваруваат со глобалните. Земјите од Западен Балкан може да овозможат поголем простор во високото образование што ќе биде атрактивен и за студентите, и за истражувачите, и за вработувачите – рече таа.

Ју нагласи дека високото образование мора да биде поусогласено со потребите на современите и идните економии, преку зајакнување на СТЕМ областите, дигиталните капацитети и применетото истражување.

-Регионот мора да ги зајакне капацитетите на СТЕМ, дигиталните капацитети и применето истражување. Универзитетите имаат потреба од посилни партнерства со индустриите. Исто така, управувањето и финансирањето со цел обезбедување на квалитетот да биде самоодржлив механизам. Потребно е финансирање базирано на перформансите, силни механизми за обезбедување квалитет и транспарентност на податоците – вели директорката.

Таа потенцира дека овие мерки не се бирократски, туку суштински предуслов за создавање квалитетно високо образование.

-Ова не се бирократски мерки, туку се услови според кои високото образование може да испорача висококвалитетни производи – додаде таа.

На отворањето на конференцијата се обратија и Весна Јаневска и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Амер Капетановиќ.

Конференцијата се одржува под покровителство на Министерството за образование и наука, а е коорганизирана од Регионалниот совет за соработка и Светската банка. Таа претставува дијалог на високо ниво што обединува министри, универзитетски раководства, академици, истражувачи, креатори на политики, претставници на индустријата, експерти и студенти.

Настанот е замислен како платформа за поврзување на луѓе, идеи и институции со цел обликување на следната фаза од реформите во високото образование. Учесниците дискутираат за конкурентноста на универзитетите, нивната усогласеност со европските и глобалните стандарди, развојот на дигиталните вештини и иновациите, особено во СТЕМ областите, како и за политиките за мобилност и враќање на стекнатото знаење во регионот.

И покрај разликите, земјите од Западен Балкан, како што беше истакнато, делат заеднички предизвици и цели, стремејќи се да се позиционираат како активен и рамноправен партнер во европските процеси преку знаење, таленти и иновации.