Фото: Маја Јаневска Илиева

На билетарниците на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ не им ги продолжуваат годишните карти за наредната година на студентите за бесплатен јавен превоз во главниот град. Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Александар Николоски, денеска изјави дека веќе пратиле апел до Владата, Министерството за образование и наука, Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска и до ЈСП „Скопје“, како што рече, „да се произнесат јавно дали се предвидени средства за бесплатен превоз на студентите во градот Скопје“.

-Затоа што билетите за 2025 не се продолжуваат на билетарниците на ЈСП. Од друга страна, од МОН се произнесоа дека се предвидени средства. Во текот на септември градоначалничката имаше дадено изјава дека има заостанат долг во неколку милиони денари којшто треба да се плати, покрај од страна на Министерството и Владата. Останува да почекаме одговор од страна на институциите. Доколку не, УСС на УКИМ ќе преземе соодветни реакции и мерки со кои ќе го искаже ставот. Смешно е студентите да немаат бесплатен превоз, мерка што е обезбедена десет години по ред од страна на Владата. Во програмата на сегашниот градоначалник беше мерката бесплатен јавен превоз за сите граѓани, а сега доаѓаме во ситуација кога се зборува за укинување на превозот за студентите што навистина не би било во ред за студентскиот стандард – изјави Николоски.

На прашањето какво образложение добиле од институциите, одговори рече дека „дел кажуваат дека нема да има бесплатен градски превоз“, а од ЈСП во телефонски им било кажано дека „се уште се чека одлука од Град Скопје“.

Според заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу, одговорот на прашањето за продолжување на билетите на студентите треба да се побара од скопската градоначалничка, Данела Арсова.

– Одговорот треба да го побарате кај градоначалничката, бидејќи Министерството веќе има изнесен став. Овој проблем што сега е појавен е во одговорност на Градот Скопје и на градоначалничката. Можам да кажам дека во буџетот за 2025 се предвидени средства за транспорт на студентите, но за тоа ќе треба да се донесе дополнителна одлука од страна на Владата – вели Алиу.