Обвинителството не импровизира, туку работи по план, програма и насоки. Во овој случај е ангажиран целиот истражен центар и никој не може да бара обвинение за 20 или 30 дена. Запленета е обемна писмена и електронска документација која бара експерти за утврдување факти. Ние тука можеме врз основа на трагедијата на луѓето да бараме публицитет или гласови. Но, извинете, јас се оградувам од тоа и не сум ви соговорник во таква работа. Оставете на мир, професионално да го работиме предметот, а кој рекол и што кажал, во ходници може да се зборува, надвор од оваа сала – рече попладнево државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за „Онкологија“.
Како што објасни Јовески пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, откако претходно членовите-пратеници од опозицијата обвинија дека не се постапува соодветно и побараа одговорност, предметот во континуитет се работи, а прашањата не се истражуваат посебно, туку во целост. Се испитува, истакна Јовески, дали постои организирана шема на дејствување која овозможувала злоупотреби – извлекување средства или несоодветно лекување. Се сослушуваат и сведоци, па со компарирање на сите податоци Обвинителството треба да дојде до оценка кој какви дејства презел, дали постои поделба на улогите во извршувањето на работата, дали набавките биле законски и по процедура.
Јовески потенцира дека нема намера никого да шити и ги увери пратениците дека случајот ќе биде истражен до крај. Не е потребно само обвиниение, подвлече Јовески, туку треба да се утврди материјалната вистина, да се обезбедат докази што навистина се случувало и да се врати довербата на луѓето во здравствениот систем.
-Ве уверувам дека сите прашања ќе бидат до крај истражени, но не како делови. Тие мора да се вклопат во целина за да се извлече оценка за вкупниот настан и за улогата на сите лица кои евентуално го прекршиле законот. Нам не ни треба само обвинение, туку ни треба да ја утврдиме материјалната вистина, да обезбдиме докази што навистина се случувало и да ја вратиме довербата на луѓето во здравствениот систем. Немам намера никого да штитам. Цел живот сум го посветил на професијата и не сакам на крајот сиот мој вложен труд да го доведам во прашање. Битно е моето чувство дека работам согласно прописи и закон и сакам тој што направил кривично дело за дејства што се кривично дело да одговара. Кој и да е во прашање, Обвинителството ќе преземе или презема соодвети дејства. Секој што направил кривично дело или што презел дејства кои имаат елементи на кривично дело, бидете уверени дека содветно ќе одговара, подвлече Јовески.
Тој неколку пати повтори дека констатираните неправилности за работата на Клиниката за онкологија во ревизорскиот извештај не се предмет на оценка на Јавното обвинителство (ЈО). Предмет на оценка на ЈО, потенцира Јовески, се дејствата во кои има кривично дело и сторител на кривично дело.
-Ние не се занимаваме со тоа кој како набавувал, дали набавувал, дали била целта на набавува. Да го расчистиме случајот „Онкологија“ до крај во интерес на јавноста, пациентите, болните, нивните семејства и во интерес на докторската фела. Ве уверувам дека ќе работам на тоа, дополни Јовески.
Обидувајќи се да им објасни на пратениците од опозицијата која е надлежноста на Обвинителството, Јовески укажа и дека не секое трошење пари или секоја неправилност е кривично дело и дека за таквите случаи, повторно, не е надлежно ЈО. За тоа, нагласи, постојат други институции во државата кои се овластени да казнуваат или да менуваат закони.
Според Јовески, премногу е сериозна ситуацијата околу „Онкологија“ за да базира на шпекулации. Во овој момент, информира, се водат повеќе предмети за настани во Клиниката за онкологија за разлика од порано кога биле, како што рече, отфрлани и кога биле донесени решенија дека нема кривични дела.
Во текот на дискусијата, Јовески и предложи на Комисијата да се огради од дискусијата на пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кој, како што укажа обвинителот, посочи имиња на обвинети лица. Тоа, потенцира Јовески, е притисок врз Обвинителството, предметот и обвинителите. Во овој контекст, напомена и дека е недозволиво пратеник да има разговори со инспектори од МВР, а доколку, пак, знае нешто повеќе, е должен сознанијата да го пријави во ЈО или кај надлежниот обвинител кој го води конкретниот предмет.
-Ве молам да ја обезбедите самостојноста на ЈО и на обвинителите во постапувањето по конкретниот предмет, истакна Јовески.
На тоа претседателот на Комисијата Бојан Стојановски одговори дена никој од никого нема да се огради зашто правото на говор во Собранието е неприкосновено, дадено и во Уставот и во Деловникот.
Ковачки претходно го обвини Јовески за манипулирање на јавноста зашто, како што напомена, 45 дена нема јавно-обвинителен акт за „Онкологија“, а главната обвинителка подолго време не е во државата. Неговиот сопартиец Петар Ристески, пак, праша за колку од доставените 22 материјала до ЈО од Државниот завиод за ревизија има истрага и дали е постапено каде што има и повреда на законот.
-Пратеникот во прашањето вели дека имало констатирани неправилности и прекршувања на законите, но тие не се кривични дела. Постојат прекрошоци, но за нив има соодветни органи. Веројатно во овој дел е проблемот меѓу моето одговорање на прашањата и тоа што тој го изложува. Ја ценам вашата заложба да се дојде до вистината, но очигледно не се разбравме. Точно е дека се констатирани неправилности во извештајот, но сите тие не претставуваат кривично дело. Обвинителството е надлежно за оние дејства во кои ќе утврди дека постои кривично дело и сторител на кривичното дело. Според тоа, ревизорскиот извештај ако има за задача да се гонат сторителите на кривични дела, ќе биде поинаку структуиран – рече Јовески, одговорајќи му на Ристески.
Јовески вечерва соопшти дека е можно во некоја од соседните земји да има вештачење за случајот „Онкологија“. Тој потврди дека соработката со Косово и Албанија е се уште во рамки на размена на информации, но што ќе покаже таа соработка, засега е отворено прашање.
Според Јовески, неблагодарно е да се прогнозира кога ќе има конкретен обвинителен акт. Многу поважно е, нагласи, да се дојде до вистината, односно до релевантни податоци – кој што направил во конретното дело.
-Неблагодарно е да се прогнозира времето, побитно е да дојдеме до вистината, до докази, до обвинети лица и до сигурни, релевантни податоци кој што направил во конретното дело. Сложеноста на предметот налага дека ќе има повеќе вештачења. Се уште нема одлука, има идеја тоа да се врши во една од соседните земји и воопшто Обвинителството никогаш тоа прашање не го поставувало, имавме вештачење и од германски експерти. Соработката со Косово и Албанија е се уште во рамки на размена на информации. Ако Обвинителството презема такви дејства, јасна е неговата намера да го истражи случајот до крај – дали евентуално одредени лекови или медицински материјали завршувале надвор, како завршувале и на кој начин, да прибави соодветни докази од тие земји и во тој дел сега се остварува таа соработка. Што ќе покаже соработката е отворено прашање, но ве уверувам дека ЈО максимално се посветува на расчистување на сите овие прашања за кои денеска зборувавме со пратениците. Сите сме свесни за тежината на случајот и сите сакаме да се дојде вистината, тој што сторил да сноси одговорност, а најголема сатисфакција ќе биде да се врати довербата на луѓето што се борат за живот – рече Јовески.
Според него, Во однос на тоа кој се и дали ќе биде сослушан министерот за здравство, како и кога тоа ќе се случи, ќе проценат обвинителите кои го водат случајот.
-Сите граѓани пред Уставот се еднакви. За нас не е битно и одлучувачки кој каква функција извршува, туку колку може да ни помогне во обезбедување докази, подвлече обвинителот.
Тој напомена и дека ревизорскиот извештај, што е тема на седницата на Комисијата, е само еден од доказите за „Онкологија“.
Комисијата ќе ја продолжи седницата во понеделник.