Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска организираше четврто чествување на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, кој со одлука на Владата се одбележува од 2019 година како потсетник на историскиот 5 мај 1945 година кога со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик.
Заменик-министерот за образование Љуљзим Алиу на отворањето на настанот рече дека македонскиот јазик ги поврзува граѓаните од сите етнички заедници во државава, олеснувајќи ја, како што рече, нивната меѓусебна комуникација.
-Посакувам да продолжи да се развива и да унапредува, но и повеќе од кога било во минатото, токму сега да се покаже грижа за неговата заштита, затоа што е суштински елемент на националниот и културниот идентитет на Македонците, на моите сограѓани, пријатели, колеги. Посакувам и да продолжат да се чествуваат сите оние личности кои имаат значаен придонес во досегашното градење и заштита на македонскиот јазик – Крсте Мисирков, браќата Миладиновци, Блаже Конески и многу други. Да го задржиме македонскиот јазик и натаму да биде дел од светската ризница на јазици, од оние седум илјади јазици кои се зборуваат на планетата Земја, кои се меѓународно признати и имаат своја историја на основање и на развој, имаат сегашност, но и иднина за која секој народ треба да се заложи. А ние како Влада се залагаме за заштита и јакнење на јазиците кои се користат во нашето мултиетничко општество. Еден од фокусите на актуелните реформи со кои се прави модернизација на националниот образовен систем е токму јакнење на јазиците кои се применуваат во наставата – рече Алиу.
Покрај новите наставни програми во основно образование, со кои е опфатен и предметот Мајчин јазик, потсети дека се воведени стипендии за студенти кои ќе се запишат на прв циклус на студии на студиските програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности на државните и приватните високообразовни установи.
-Тие се вкупно 15 и се целосно искористени, а ќе бидат достапни и во академската 2022/2023 година – рече Алиу, додавајќи дека вакви манифестации треба да се организираат во текот на целата година.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, осврнувајќи се на историскиот развој на денешната македонска азбука, кој датира од 9 век и глаголицата на Кирил и Методиј, истакна дека може научно да се потврди дека македонскиот литературен јазик е дел од најстарите книжевно-јазични традиции.
-Денес им оддаваме почит на сите претходници кои низ вековите го создавале писмениот македонски јазик. Особено ги истакнуваме Крсте Мисирков, кој со своето дело „За македонцките работи“ ги зацрта азбуката и правописот, и Блаже Конески, кој во рамките на македонската држава придонесе за конечното оформување во нивното озаконување и кодификацијата на македонскиот јазик. Институтот за македонски јазик преку работата на своите проекти, преку постдипломските и докторските студии и преку објавените дела, веќе седма деценија ја промовира и ја потврдува азбуката – рече Јованова-Грујовска.
Таа ги соопшти сите активности на Институтот за македонски јазик од минатогодишниот до овој 5 Мај, а следни предизвици, рече, се вработување квалитетен научен подмладок во Институтот во кој минатите години заминале 25 научници, објавување на резултатите од работата на проектите, барање финансиски средства за проектите, продолжување на издавачката дејност со посебен осврт на лингвистичките списанија, организирање на традиционалните меѓународни научни собири и учество на лингвистите на научни собири во земјава и во странство.
Проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, во своето обраќање истакна дека оваа година одбележувањето на Денот на македонскиот јазик за Катедрата има посебно значење зашто по 30 години двете македонистички катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ги допрецизирале и ги смениле своите називи: Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици се преименува во Катедра за македонски јазик, а Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности – во Катедра за македонски јазик и култура.
Проф. д-р Марина Спасовска, раководителка на студиската програма Македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Тетово, соопшти дека од 2004 година до денес имаат профилирано голем број професори по македонски јазик и книжевност и магистри кои работат во основните и средните училишта, како и во високото образование, подвлекувајќи дека сите тие придонесуваат во чувањето и негувањето на македонскиот стандарден јазик.
Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија, на 5 мај 1945 година е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.