Фото: Маја Јаневска Илиева

Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, истакна дека мајчиниот јазик е темелна клетка на идентитетот и културата, без кој човекот не може да биде целосно човек.

Таа нагласи дека овој ден е посветен на љубовта, грижата и почитта кон сите мајчини јазици, бидејќи токму на мајчин јазик најприродно се изразуваат радоста, тагата, чувствата и мислите. Таа потсети дека мајчиниот јазик е оној на кој мајката прва го поздравува новороденото дете, со збор го бодри, воспитува и лекува, пренесе МИА.

Во своето обраќање таа посочи дека околу 7.000 јазици на малите народи во светот се соочуваат со притисок и нерамноправност, што доведува до јазични конфликти, доминација и дури јазичен империјализам.

– Кога исчезнува еден јазик, згаснува животот на цела заедница – рече претседателката, додавајќи дека борбата за зачувување на малите јазици мора да биде сериозна и дека УНЕСКО има значаен придонес во таа насока.

– Се соочуваме со јазични конфликти, имало и има јазична доминација, дури и јазичен империјализам. И затоа, кога исчезнува некој јазик, мора да знаеме дека згаснува нечиј живот, и тоа живот на цела нација, живот на многу луѓе, живот на многу мајки. И затоа треба битката за малите јазици да биде сериозна битка и затоа УНЕСКО тука има голем придонес. Јас се тревожам кога читам: ќе се почитува националниот и културниот идентитет и – се заборава. Не може така. Тоа е суштината. Нема поприродно нешто за мене од тоа да го сакаме, да го негуваме, да го чуваме мајчиниот јазик, но и да го почитуваме сечиј мајчин јазик како да е наш. Бидејќи токму таа енормна љубов нè обврзува истото да го мислиме и за другите. Почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност. Секој мајчин јазик што се говори кај нас е вреден дел од заедничкиот културен мозаик, зашто почитувањето и негувањето на сите заедници ќе ја зајакне културата на дијалогот и толеранцијата, ќе влее доверба и ќе создаде општество во кое различноста нема да ја доживуваме како нематената сила туку како сила што обединува, а не разделува – истакна Силјановска-Давкова во обраќањето.

Таа подвлече дека почитувањето на јазичната разновидност е истовремено почитување на културната различност, а секој мајчин јазик е дел од заедничкиот културен мозаик. Негувањето на сите јазици, според неа, ја зајакнува културата на дијалог и толеранција и создава општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.

– Мора постојано да си се потсетуваме дека јазикот е темелот на идентитетот, јазикот е чувар на колективната меморија и јазикот е единствениот мост што нè води напред во иднината. Во него се запишани искуствата на сите минати генерации, во него се вградени стремежите на оние што ќе дојдат по нас. Овој ден не е само повод за одбележување туку и потсетник за одговорноста што ја имаме кон јазикот како кон непроценливо културно наследство и богатство и како кон моќно миротворно оружје. Да си го развиваме, да си го унапредуваме мајчиниот јазик во образованието, науката, културата, во дигиталниот простор и да создаваме услови тој да продолжи да се развива во чекор со современиот свет. Внимателно и одговорно да го користиме во јавниот простор – во медумите, во секојдневниот живот, и да сториме сè за научно проучување и вложување во него. Не се само институциите што треба да се грижат, туку секој поединец  со секој изговорен збор и напишана мисла, порача Сиљановска – Давкова.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, во поздравното обраќање истакна дека многувековната борба за слобода, државност и признат македонски јазик нѐ научи на заемно почитување на различните култури и различните јазици.

– Почитувањето на сопствените корени, традицијата и народната мудрост да ги преточиме во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите. Големиот Петре М. Андреевски потсетува: „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нѐ оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Зашто: „Јазикот е нашата татковина“ како што констатира Конески. Или: „Јазикот е наше духовно благо“ порачува Мисирков – рече директорката на Институтот.

Goce Cvetanovski prof.
Фото: Маја Јаневска Илиева

За значењето на мајчиниот јазик зборуваше проф. Гоце Цветановски, автор на првиот Македонски етимолошки речник  чиј прв том беше промовиран на крајот од минатата година. Тој рече дека прашањето за јазикот не е само лингвистичко туку е прашање на достоинство, идентитет и право на постоење и дека јазикот не е административна, туку духовна и културна категорија.

– Јазикот е универзална човечка способност, но истовремено и најдлабока ознака на припадност. Тој ги поврзува луѓето во една заедница, ги врзува со историјата и со територијата… Јазикот не е само граматика и речник, тој е архива на културната меморија. Јазикот памети, понекогаш повеќе отколку што сме свесни ние. Во време кога идентитетите често се доведуваат во прашање, јазикот останува најстабилниот столб – кажа Цветановски.

На настанот во Институтот за македонски јазик по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик стихови од Конески, Шопов и Андреевски интерепретираше актерот Никола Ристановски.

Фото: Маја Јаневска Илиева

УНЕСКО во 1999 го прогласи 21 февруари за Меѓународен ден на мајчиниот јазик во чест на загинатите студенти од Источен Пакистан, денешен Бангладеш, кои во 1952 протестираа затоа што нивниот мајчин бенгалски јазик не беше признат за службен.