Во буџетот за 2025 година има околу 30 милиони евра или 18 отсто повеќе средства за студентскиот стандард во споредба со оваа година, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на штипската Гимназија „Славчо Стојменски“. Забележа дека нема дилема за покачување на оваа ставка во буџетот и планирано е зголемувањето на средствата за студентскиот оброк.
-Но, се уште разговараме со студентите, затоа што тие имаат некоја поинаква идеја. Сметаат дека за 140 денари можат да добијат во одредени маркети, одредени ресторани комплетен оброк, а дека би можело да се прошири опсегот, на пример и студенти кои работат „парт тајм“, а се уште непостигнале одредена сума на средства би можеле и тие. Значи до крајот на годината, тоа ние ќе го дефинираме и веднаш ќе се знае во јануари, дали ќе добијат 160 денари студентски оброк или ќе биде проширен опсегот- изјави Јаневска.
Прашана за лошата состојба во Студентскиот дом „Пелагонија“, на која се жалат студентите и дали ќе има интервенции во него, министерката за образование и наука Јаневска изјави дека ќе има интервенции.
-Мора да има. Значи слушам различни шпекулации. Директорот на Студентскиот дом не си ја извршува својата функција и затоа ќе мора да преземеме чекори, во најблиска иднина побараме и поставиме нов директор. Да, студентите се жалат дека нема топла вода, храната е на навистина ниско ниво и не можеме да дозволиме неодговорни луѓе и понатаму да си играат со судбината на студентите. Младите се исклучително важни за оваа држава. Ние обезбедуваме средства од буџетот, од граѓаните и секој раководител мора сериозно да си ја сфати работат – вели Јаневска.
Министерката за образование и наука Јаневска смета дека овој проблем со Студентскиот дом „Пелагонија“ ќе се реши најдоцна за два до три дена.