Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека силното и квалитетно високо образование е неопходно за развојот на современите општества и справување со глобалните предизвици, пренесе МИА.
На отворањето на конференцијата „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“ во Скопје, организирана од Министерството за образование и наука во соработка со Регионалниот совет за соработка и Светската банка, таа нагласи дека образованието е најсигурната инвестиција за иднината.
Јаневска посочи дека без активен придонес на универзитетите преку истражување, иновации и трансфер на знаење, не може да се одговори на клучните прашања како одржливиот развој, економската стабилност и општествените предизвици.
Особено ја истакна важноста на интернационализацијата, која овозможува размена на знаења, пристап до нови технологии и финансии, како и развој на дигитални и зелени вештини кај студентите.
Воедно, предупреди на предизвиците како ограничените финансиски ресурси и ризикот од „одлив на мозоци“, потенцирајќи дека целта треба да биде создавање „циркулација на знаење“, при што студентите и професорите ќе се враќаат со нови искуства и идеи.
Министерката порача дека меѓународната соработка мора да остане инклузивна и достапна за сите, а не водена исклучиво од финансиски интереси, со цел да се изгради поконкурентен и поквалитетен академски простор во регионот.
































