Фото: МИА

Секој успешен образовен процес почнува со мотивиран наставник. Кога учениците ќе почувствуват дека се слушнати и разбрани, почнуваат со сериозни промени кои го вклучуваат целиот образовен систем и водат кон напредок, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска. Јаневска денеска учествуваше на панел дискусијата во Прилеп, заедно со наставници, стручни лица, родители и од Педагошкиот факултет од Битола на темата „Магијата е во знаењето“. Оваа е втора панел-дискусија под мотото „Наставникот е прво пријател, а потоа учител“.

Според Јаневска, и Владата и Министерството многу вложија и вложуваат во образовниот процес.

– Не е само кампањата за подигнување на свеста за улогата на наставникот и за подигнување на неговиот дигнитет, туку како Влада и Министерство вложуваме во процесот. Обезбедивме повисоки плати на наставниците, континуирано обезбедуваме подобри услови за работа, вложивме 67 милиони евра во инфраструктура, обезбедуваме нови, современи технологии кои на наставниците ќе им овозможат полесно и помотивирано да го спроведат својот начин на образование за учениците, зашто имаат слобода во тоа, и треба да ги развиваат нивните компетенции – изјави Јаневска.

Педагошкиот факултет од Битола е лидер во образованието во Регионот и пошироко, бидејќи нуди и студиски програми, единствени во нашата земја. Ќе воведува нова студиска група, барана на пазарот на трудот.

– Факултетот нуди: работа со надарени и талентирани, информатика и техничко образование, а се поголем е бројот на студенти кои се запишуваат на македонски јазик и книжевност. Оваа година планираме да отвориме нова програма, бидејќи пазарот на трудот покажа дека студиската програма германски јазик и книжевност би било добро да ја реакредитираме – вели Данче Сивакова Нешковски, деканка на Педагошкиот факултет од Битола.

Пријателството со наставникот не го исклучува неговиот авторите пред учениците, смета професорот Дејан Димоски од прилепското средно училиште „Ѓорче Петров“.

– Ние треба да научиме дека со денешните генерации ученици треба да воспоставиме поинаков контакт, отколку кога ние бевме ученици. Овие ученици се постојано на социјалните мрежи и доколку ние не владееме со нивниот простор, тешко дека ќе може да дадеме правилен совет – вели Димоски.

Даниела Иваноска, родител од Прилеп вели дека сите вложуваме енергија и љубов во успешно современо живеење.

– Ова е време на предизвици. Тоа значи дека треба да го најдеме јазикот на кој ќе водиме дијалог во името на создавањето на добро општество во кое професорите, учителите, наставниците се оние кои ги создаваат чинителите на општественото живеење. Верувам дека сите се трудиме и вложуваме енергија, љубов за да оствариме дијалог и да бидеме успешни во создавањето на нашето живеење – изјави Иваноска.