Министерството за образование и наука ќе финансира истражувања на осум јавни научни установи во наредните две години, со вкупна поддршка од 23,7 милиони денари. Проектите се од висок стратешки и национален интерес за државата, а меѓу нив се вклучени Етимолошкиот речник на македонскиот јазик, истражувања на Охридското Езеро, Лексиконот на македонскиот фолклор, како и истражување на културното наследство на Албанците од Кумановскиот регион.
Како што оопштуваат од МОН, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека потпишувањето на договорите со научните установи е доказ за посветеноста на Владата кон забрзан развој на науката.
– Науката и истражувањата го даваат најдобриот одговор на предизвиците. Затоа, при креирањето на буџетот, одлучивме дека приоритет ни е стимулирање на домашна научна мисла, како влог во иднината на државата. Го поттикнуваме користењето на целокупниот национален потенцијал: интелектуален, технолошки и човечки за да обезбедиме напредок и конкурентност на државата – нагласи Јаневска.
Во рамки на Програмата за поддршка на научно-истражувачката дејност за 2025 година, Министерството ќе финансира и пет проекти од посебен научен и јавен интерес, кои произлегуваат од соработка меѓу академскиот и бизнис секторот, во контекст на паметната специјализација на државата. За овие проекти се издвоени дополнителни 30,4 милиони денари.
Дополнително, ќе се поддржат и иновативни проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и Македонската академија на науките и уметностите.
Од МОН посочуваат дека буџетот за наука за 2025 година изнесува 680 милиони денари, што претставува речиси двојно зголемување во однос на буџетот за 2024 година.