Формиран набргу по најголемата катастрофа што некогаш и се случила на Македонија, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) , од тогаш до денес има важна улога во гарантирањето на инфраструктурната стабилност и сигурност, а со тоа и на безбедноста и спокојот на граѓаните. Шест децении откако, како што во монографијата вели професорот Игор Ѓорѓиев – „ИЗИИС изникна како симбол на надеж, знаење и градење на нови темели за иднината“, со што целосно се согласувам, вложена е голема енергија во развој на нови знаења, во едукација на кадри и секојдневна примена на научните резултати за заштита на животите и имотот на граѓаните. Институтот остави длабоки траги во развојот на високото образование во Македонија, рече вечерва министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во обраќањето по повод 60 години од формирањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Јаневска напомена дека денешната свеченост не е само одбележување на едно значајно времетраење, туку и сведоштво за континуирана научна, образовна и општествена посветеност во служба на јавниот интерес
Според неа, преку својата интегрираност во наставниот процес на Градежниот факултет и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ИЗИИС беше и остана генератор на знаење и квалитетен кадар.
-Истовремено, со поддршката на докторски и постдокторски студии, Институтот ја потврди својата клучна улога во развојот на млади истражувачи и научници. Импресионирана сум и од истражувачката активност на меѓународен план – особено од учеството во европските рамковни програми за истражување и иновации. ИЗИИС беше меѓу првите македонски институции со успешни апликации уште во времето на Шестата и Седмата рамковна програма, а потоа и во програмите „Хоризонт“. Овој континуитет на учество сведочи за извонредноста на македонската инженерска и истражувачка мисла – подвлече Јаневска.
Таа сподели и, како што рече, интересна ситуација.
-Улогата на ИЗИИС како признат центар на знаење на меѓународната сцена ја почувствував лично, при посетата на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC) во март годинава. Бев искрено горда кога од страна на оваа еминентна институција бевме пречекани со зборовите дека „со задоволство би ги „украле“ истражувачите од ИЗИИС“. Особено беше нагласена плодната соработка во областа на Еврокодовите – европските стандарди за проектирање и градба. ИЗИИС, како активен партнер во нивниот развој и адаптација во земјите од Југоисточна Европа, придонесува кон усогласување на инженерските практики и зголемување на сеизмичката безбедност на објектите во ризични региони. Овој и слични успеси на нашите истражувачи и институции ги отвораат вратите за продлабочување на соработката со многу еминентни институции во светот – нагласи Јаневска.
Така, како што посочи Јаневска, и претстојното потпишување на нов Рамковен аранжман за истражување помеѓу МОН и Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија е само потврда за извонредноста на нашата научно-истражувачка работа.
-Со овој договор ќе се овозможи продлабочување и конкретизирање на соработката преку мобилност на истражувачи и млади таленти, како и поддршка за имплементација на националните стратешки цели, вклучително и на Стратегијата за паметна специјализација- појасни таа.
Овие 60 години постоење на ИЗИИС се приказна за визија, знаење и истрајност. Доблесно е да изразиме благодарност до сите кои учествувале во градењето на Институтот, во извршувањето на стручната и во развојот на научната и образовната дејност.
Благодарност и до сите кои во моментов работат, раководат и ја продолжуваат успешната институционална мисија, која е многу одговорна. Убедена сум дека и во иднина, ИЗИИС ќе остане столб на инженерската наука и синоним за безбедност, извонредност и меѓународна соработка. Сметајте на поддршката од оваа Влада. Имаме особено голем интерес да ја унапредиме научната дејност и затоа годинава одвоивме двојно повеќе средства од минатата, за реализација на научно – истражувачки проекти. Вие сте јавна научна установа и имате пет лаборатории. Искористете го сиот потенцијал и учествувајте на активните повици на министерството за распределба на средствата во износ од 370 милиони денари за иновативни научни проекти. Нека Ви е честит јубилејот. Нека следните децении бидат уште поуспешни и плодни.
На свеченоста присуствуваат ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, проф. д-р Игор Ѓорѓиев и заменик претседателот на Европската асоцијација за земјотресно инженерство, проф. д-р Киријазис Питилакис.