фото: Собрание

Не може да се разговара за мир во Украина без учество на Украинците бидејќи тоа ја доведува во опасност нивната сувереност и територијален интегритет. Тоа би било силен удар врз меѓународното право и врз светот којшто го градиме од Втората светска војна наваму – истакна претседателот на Саборот на Хрватска,  Гордан Јандроковиќ, во обраќање пред пратениците во македонското Собрание.

Укажа дека светот глобално политички се менува, дека станува се поопасен и на удар се, рече, вредностите, а во контекст на новите околности со војната во Украина, истакна дека „овие денови и над  ЕУ и над НАТО  се надвиснуваат сиви облаци“ и оти „можеби од почетокот на нивното основање, ова е најголемата пресвртница за двете организации“.

– Не знаеме како ќе изгледа нивната иднина и затоа е многу важно да се вложува голем труд, да се воспостави траен светски мир. Последните месеци сведоци сме дека на двете страни од Атлантикот постојат различни визии за тоа како треба да изгледа еден мир. Времето ќе покаже во која мерка е возможно да се воспостави заедничка визија за тој мир. Нам ни е важно тој мир да биде одржлив и праведен, а не да биде неизвесна иднина… Не може да се разговара за мир во Украина без учество на Украинците бидејќи тоа ја доведува во опасност нивната сувереност и територијален интегритет. Тоа би било и силен удар врз меѓународното право и врз светот којшто го градиме од Втората светска војна наваму. Не може да се размрда тој поредок затоа што тоа ќе биде неверојатен преседан којшто ќе создаде нестабилност и којшто ќе значи оправдување на агресија – истакна Јандроковиќ.

Затоа, додаде тој, „нашата заедничка обврска е  да се афирмира меѓународното право, поредокот кој се темели на меѓународно право, а не врз основа на моќта на посилниот“.

– Тоа треба да биде нешто што ќе не обедини – почитување на меѓународното право, почитување на територијалниот интегритет и суверенитет, тоа е во сржта на меѓународните односи и нешто врз што мораме да се потпреме – додаде претседателот на хрватскиот Сабор.

Порача дека се поопасното глобално опкружување потврдува дека е важно да се воспостави  уште поблиска соработка меѓу пријателите.

– Република Северна Македонија и Република Хрватска се тоа. Важно е да продолжиме со соработка на билатерален и мултилатерален план. И тоа е целта на мојата посета. Тоа се случува во важен момент – за три недели се прославува воспоставувањето на нашите дипломатски односи, како и сојузништвото што го остваривме во НАТО. Се надеваме дека нашето партнерство во НАТО ќе биде надградено и со вашето членство во Европската Унија – рече Јандроковиќ во обраќањето во кое се осврна и на економската соработка и пријателските врски меѓу двете земји.