Новинарката од порталот „Сакам Да Кажам.мк“, Соња Колевска-Делевска, е овогодишната добитничка на наградата „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија која ја доделува Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Годинешната награда за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ ја доби долгогодишната уредничка на „Фокус“ новинарката Јадранка Костова, додека пак наградата за известување на теми од локално и регионално значење ја добија новинарките Убавка Јаневска и Даниела Саздова од порталот „Дума.мк“.
Наградата за најдобра истражувачка сторија, Колевска-Делевска ја доби за серијалот текстови за случајот со младо момче, Тони Сали, лице без државјанство, кое минатата година почина откако цела деценија водеше битка за да добие матичен број и извод на матичната книга на родени.
– Сакам да се заблагодарам на редакцијата на „Сакам да кажам“ за поддршката, и за развиеното чувство да се препознаат вакви приказни и да им се даде предност. Темите за човекови права станаа наш препознатлив бренд, ние ќе продолжиме во таа насока, особено да ги третираме проблемите на луѓето чиј глас никако не може да се слушне во општеството – рече Колевска-Делевска во своето обраќање по доделувањето на наградата.
Оваа година пристигнале 47 апликации за наградите кои ги доделува ЗНМ, од кои 27 биле за наградата за истражувачко новинарство.
– Одамна не сум се чувствувал заинтригиран, мотивиран и сигурен да кажам дека треба да се има верба во македонското новинарство. Прочитавме и прегледавме стотина страници прониклив новинарски труд, на одлично осмислени и реализирани истражувачки стории. И ви велам – не кудете го македонското новинарство. Тоа е оживеано, сè поаргументирано, поверодостојно и сè пообестрашено. Се влегува во темите на општествената и политичка декаденција, во држава во која сè уште не владее скромност и штедливост со зборот и парите. Нема табу теми, недопирливи поединци и моќници. Сè повеќе има истенчен новинарски нерв да се открие неправдата, насилништвото, немоќта на институциите, да се трага по правдата и загрозувањето на човековите права и слободи – рече Александар Чомовски, дел од жири комисијата.