Министерството за здравство попладнево информираше дека ја следи состојбата со пожарот во скопско Трубарево и оти неговите служби се подготвени за постапување согласно со нивните надлежности.
-Ја информираме јавноста дека Министерството за здравство ја следи состојбата со пожарот во скопско Трубарево. Во постојана координација е со сите надлежни институции. Службите на Министерството се подготвени за навремено постапување во рамки на своите надлежности, во зависност од натамошниот тек на настаните – соопштија од Министерството.
Како што соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со пожарот се зафатени објекти на „Ф-Групација“ која се занимава со електронски отпад.
Пожарот кој избувнал по 13 часот го гасат шест противпожарни возила со над десет пожарникари, специјализирани возила и авион ер-трактор на ДЗС и два хеликоптера (од МВР и од АРМ).