СО КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ПОСКОРО ЌЕ СЕ РЕАЛИЗИРА ПОКАЧУВАЊЕТО
За да се зголемат платите во високото образование oд буџетски средства, постојат два начина – едниот е со измени на законот, нешто што е процедура и за тоа е потребно време, а вториот начин е со колективен договор потпишан меѓу репрезентативен синдикат и основачот на УКИМ, односно Собранието на РСМ или орган што ќе го овласти Собранието. Ние решивме да формираме синдикат и на тој начин поскоро да го решиме покачувањето, вели за „Нова Македонија“ ректорот на најстариот македонски универзитет, проф. д-р Никола Јанкуловски, откако во јавноста се актуализира прашањето за зголемување на платите и идејата тоа да се случи преку формирање синдикат.
– Решивме да формираме синдикат. Репрезентативноста ја постигнавме за два дена, период во кој веќе имавме околу 1.000 члена. Тоа е единствената форма во овој момент што ќе донесе повисоки плати за 10 отсто. Кога би оделе со законски измени, тоа би одзело премногу време. Ова покачување е веќе планирано, предвидени и издвоени се средства од буџетот – појаснува Јанкуловски.
Тој деновиве дополнително и со демант реагираше откако професорката Маја Стевановиќ од Независниот академски синдикат во јавноста изнела, како што вели ректорот, груби невистини за наводно узурпирање на академската слобода и притисоци врз вработените на универзитетот за членство во синдикатот на УКИМ.
– Мојата обврска како ректор на најголемиот универзитет беше да споделам информација што потекна од Министерството за образование и наука за ветеното зголемување на платите и потребата тоа да се реализира со потпишување колективен договор на ниво на универзитети. Синдикалното здружување е доброволно. Не можам да не ја споделам таквата информација од МОН, бидејќи платите во високото образование се многу ниски. Во ниту еден момент не е направен притисок врз кој било вработен и само за два дена е постигната репрезентативност од над 30 отсто од вработените на УКИМ, од кои повеќе од половината се наставно-научен кадар. Самото тоа е доказ дека ниту се имало намера да се изврши притисок, а ни желба ни време тоа да се направи врз околу 1.000 вработени. За жал, Независниот академски синдикат, чиј член е проф. Стевановиќ, не успеа да постигне репрезентативност за речиси четири години од неговото формирање, што е веројатно и причина за ваквиот однос кон оваа ситуација – нагласува ректорот.
Тој истакна и дека грубо бил обвинет дека го казнил Факултетот за драмски уметности со 20.000 евра, нешто што, како што тврди тој, претставува ноторна лага.
– Невистина, и повторно лажно обвинување е дека не сум ги праќал барањата за нови вработувања во МОН за потребите на Факултетот за драмски уметности. Со ваквите лажни тврдења на проф. Стевановиќ се нарушуваат мојот и угледот на целиот универзитет. Ги известувам јавноста и медиумите дека во секој момент можат да ги проверат овие лажни обвинувања – завршува проф. Јанкуловски.
Во меѓувреме не е исклучена можноста Независниот академски синдикат да протестира ако ректорите потпишат колективен договор за покачување на платите. Според нив, Министерството не може да потпише колективен договор со синдикатот формиран од УКИМ, а тврдат дека тоа може да го направи само работодавецот, а во случајот тоа е ректорот, со овластување од Собранието. За Независниот синдикат, како и за Синдикатот за образование, наука и култура, недозволиво е формирањето нов синдикат како услов за повисоки плати за 10 отсто без наведување на причините зошто.