Анализа
Во време на зголемени потреби, а со тоа и притисоци за експлоатација на природните ресурси, изворите во селото Шум повторно се најдоа, по многу непријатен повод, во фокусот на јавноста. Во тој контекст, во вчерашниот број се осврнавме на последните настани поврзани со случајот „загадена пивка вода во Струга” вклучително и на некои индикатори за можни причинители на хаваријата во и непосредно околу изворите во с. Шум.
Во денешната статија, ќе направиме обид за една т.н. „картографска анализа” која ќе опфати теренски увид со „просторна распределба на ризици и индиции во тој контекст на поширокото подрачје на Струга”, со цел да се утврдат потенцијалните закани врз споменатите водни ресурси.
Географски контекст: Изворите се во подножјето на планината Јабланица
Селото Шум се наоѓа на падините на планината Јабланица, во западниот дел на струшката котлина. Подрачјето е хидролошки чувствително, со повеќе природни извори кои се користат за локално водоснабдување и наводнување.
Близината до Охридско Езеро дополнително ја зголемува важноста на заштитата на подземните води, бидејќи постои директна или индиректна хидролошка поврзаност меѓу планинските извори и езерскиот екосистем.
Од теренскиот увид и препознавање во целниот простор ризици и индиции во тој контекст на поширокото подрачје на Струга, идентификувани се потенцијално ризични активности и локации.
1. Ископувања и земјени работи во близина на изворите
На подрачјето се издвојуваат неколку зони каде се забележуваат:
• земјени ископувања,
• проширување на локални патишта,
• активности поврзани со градежни интервенции.
Овие активности, доколку се одвиваат без соодветни геолошки и хидролошки студии, секако имаат силен потенцијал да предизвикаат:
• промена на природниот тек на подземните води,
• намалување на издашноста на изворите,
• заматување или контаминација на водата.
Особено чувствителни се деловите каде ископите се изведуваат по должината на природните дренажни линии кои се спуштаат кон струшката котлина.

2. Урбанистичко ширење на периферијата на Струга
Периферните делови на Струга бележат постепено ширење на станбени, угостителско- сместувачки туристички објекти, како и викенд-објекти. Во отсуство на комплетна канализациска мрежа во одредени зони, постои ризик од:
• инфилтрација на отпадни води во подземните слоеви,
• индиректно загадување на изворите во Шум.
Теренската непосредна опсервација покажува дека некои од овие објекти се наоѓаат во водозаштитни појаси или во нивна непосредна близина. На ова треба надлежните локални служби посебно да обрнат внимание и да го вклучат репресивниот апарат.

3. Земјоделски активности и употреба на хемикалии
Подрачјето меѓу Шум и рамничарскиот дел кон езерото е активно земјоделско земјиште. Интензивната употреба на:
• вештачки ѓубрива,
• пестициди и хербициди,
е непосредно регистрирана и таа претставува долгорочен ризик од нитратно и хемиско загадување на подземните води, особено во услови на поројни дождови кога доаѓа до побрза инфилтрација.

4. Непланско одлагање отпад
За овој проблем и за „струшката депонија” сме пишувале и предупредувале повеќе пати. Но, проблемот со депонијата локалните власти никогаш не го решја ефектно и до крај. Затоа, и во овааприлика потсетуваме, во името на јавноста дека и овој аспект на проблемот значајно допринесува за ескалација на проблемот со водата. Во теренската опсервација на регионот, во периферните рурални делови се евидентирани неформални мини-депонии. Не само со градежен шут, туку и со рановиден друг неселектиран механички и друг вид отпад од домаќинствата. Иако не сите се во директна близина на изворите, теренската анализа покажува дека дел од нив се лоцирани во зони со пропустлива почва, што го зголемува ризикот од филтрација на штетни материи.



Хидролошка ранливост: Што покажува нашата просторна/теренска опсервација на теренот?
Падинскиот карактер на теренот значи дека секоја интервенција во повисоките зони – ископ, сеча на шума или градежна активност – има потенцијал да влијае врз изворите пониско.
Консултираните експерти за водостопанство предупредуваат дека карстните структури на Јабланица овозможуваат брзо движење на водата, при што загадувањето во повисоките делови може релативно брзо да стигне до извориштата. Според некои од експертите, токму ова ја прави превенцијата поклучна од реакцијата.
-Во поширокиот контекст на Струга и крајбрежјето на Охридско Езеро, изворите во Шум не се само локално прашање. Тие се дел од поширок екосистем кој има национално и меѓународно значење. Затоа ние предлагаме што поскоро да се направи детална хидрогеолошка студија со јасно дефинирани заштитни зони, а пред се’ и над се’ мораториум на ископувања во непосредна близина на изворите додека не се утврдат ефектите. Дотогаш, задолжително спроведување на засилени инспекциски контроли за нелегални градби и депонии, ако може тие да бидат организирани од централната, а не од локалната власт. И токму тие да направат јавно објавување на сите одобрени активности во водозаштитните појаси, велат консултираните експерти од Струга.
Во секој случај, излегувањето на тетен и теренската опсервација и анализа на подрачјето околу Шум и пошироката зона на Струга укажува на зголемена експлоатација врз природните извори: Од градежни активности, преку земјоделие, до урбанизација.
Иако не постојат теренски индикатори кои укажуваат на казниви поведенија од поединци или групи кои со умисла презеле дејствија за да направат хаварија заради одредена цел (потсетуваме на детонациите кои биле чуени во критичното подрачје на изворите на пивка вода, кои ги слушнале жителите на селото Шум), за издвојувањеце тоа дека новинарската екипа на Нова Македонија ниту може да направи експертиза која надлежните стручни органи би можеле да ја направат. Амбицијата на новинарското истражување е да обрне внимание во името на јавноста и да алармира до институциите дека навистина постојат елементи и за директно и за индиректно загадување во моментов, односно просторната поставеност на ризичните точки бара итна институционална реакција.
Прашањето не е дали изворите се загрозени денес – туку дали навреме ќе се преземат мерки за тие да не бидат загрозени утре.
Екипа на „Нова Македонија“

































