Националната конвенција за ЕУ анализираше за правните последици од изменетиот Кривичен закон и за предизвиците со владеењето на правото во Македонија
Забелешките и препораките на правниците искажани на Националната конвенција за ЕУ, втемелени на основниот правен принцип за легалитет, отворија простор за прашањата – дали е реално и возможно и колку брзо можат да се анулираат спорните измени и дополнувања на Кривичниот законик од септември 2023 година? Зошто на Националната конвенција за ЕУ, на која се дискутираше за предизвиците со владеењето на правото во Македонија, мошне голем интерес предизвика прашањето „дали и како можат да се поправат последиците од примената на веќе изменетиот Кривичен закон“, односно „како повторно да се бара одговорност од оние што на своевиден начин се ’спасиле‘ со изменетите законски одредби“?
Контроверзиите околу изменетиот Кривичен закон, донесен пред нецела година (во септември 2023), и понатаму предизвикуваат дебати не само во правниот туку и во севкупниот општествен амбиент на Македонија. На пример, една референција на гореспоменатите измени длабоко засега во општествено-политичкиот аспект на Кривичниот закон во делот на „евроинтегративните реформски капацитети на земјата и борбата против корупцијата и организираниот криминал“. Имено, според одредени експерти за ЕУ- интеграциите, токму со измените на Кривичниот законик беше направен активен исчекор во насока на „застареност на некои кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и се упати негативен сигнал кон ЕУ за недозволива селективност на извршувањето и преференции кон одредени сторители на кривични дела, при што битно се наруши преговарачката слика на државата во оваа фаза“.
Националната конвенција за ЕУ: Измените на Кривичниот законик треба да се укинат!
На Националната конвенција за ЕУ, која се одржа деновиве во Скопје и на која се дискутираше за предизвиците со владеењето на правото во Македонија, експерти од регионот и од земјава истакнаа дека измените на Кривичниот законик треба да се укинат доколку земјата сака да покаже подготвеност за вистинска борба против криминалот и корупцијата.
Изразена е согласноста на правниците од Македонија, кои бараат укинување на спорните измени во Кривичниот законик со кои застареа големи кривични дела. Тие упатија препорака до Министерството за правда итно да формира работна група што ќе подготви измени и дополнувања на Кривичниот законик, со цел да се стават надвор од правната регулатива (надвор од сила) одредбите од измените донесени во септември минатата година, кои не се во согласност ниту со заложбите за борба против организираниот криминал и корупција ниту со европските стандарди, а не се ниту во духот на европските политики.
Констатирано е дека во последните години имаме континуирано уназадување на механизмите за борба со корупцијата и криминалот. Според учесниците на конвенцијата – во Македонија „повеќето закони се добри, но лоша е имплементацијата“!
Но во таквиот амбиент на „добри закони, а лоша имплементација“, сѐ до скоро се случуваа и одредени појави на смислено „деградирање и на добрите закони, со некакви измени и дополнувања, кои беа од лукративна природа, а не од интерес на граѓаните на Македонија и на унапредувањето на квалитетот на нивниот живот и на исчекори кон високи ЕУ-стандарди во општественото живеење и синхронизација со европската регулатива“. Таков пример на „расипување на добрите закони“ беа и измените на Кривичниот законик, кои овозможија да има застарување на голем дел од кривичните дела, како и воведување неказнивост во судскиот систем. Начинот на кој биле донесени измените во Кривичниот законик – без јавна расправа и без да се слушнат оние што се директни учесници, како судиите и правниците – претставува проблем што ги доведува во прашање професионалноста, демократичноста и транспарентноста во носењето на законските измени.
Со измените на Кривичниот законик, Македонија стагнира и назадува на евроинтеграцискиот пат
Десет месеци по донесувањето на изменетиот Кривичен закон, забележано е дека освен недостигот од јавна расправа и воведувањето неказнивост за злоупотребите на службена должност и при јавните набавки, се создава впечаток дека Македонија наместо да се бори со корупцијата и криминалот, назадува.
Сите овие забелешки од конференцијата, искажани како негативни карактеристики за Кривичниот законик, препорачано е да се отстранат и да се следат европските регулативи доколку Македонија реално сака да се бори со корупцијата и криминалните дејства.
Забелешките и препораките на правниците искажани на Националната конвенција за ЕУ легитимно отвораат простор за прашањата – дали е реално и возможно и колку брзо можат да се анулираат спорните измени на Кривичниот законик? Но, веројатно, она што предизвикува најголем интерес е дали можат некако да се исправат последиците од примената на веќе изменетиот закон – односно повторно да се бара одговорност од оние што на своевиден начин се „спасиле“ со изменетите законски одредби?
– Носењето на измените на Кривичниот закон беше наменски за да се „спасат“ од одговорност одредени личности, а сега веќе е преочигледно дека таквите интервенции беа донесени со намера, особено во членот 353. Што се однесува до отстранување на контроверзните одредби преку нови измени на законот – тоа секако е возможно, но овој пат со издржана правна постапка и транспарентност. Сепак, со носење нов закон – не е возможно да се отстранат правните последици што ги предизвика сега веќе актуелниот закон. За голем број од обвинетите не можат да се повторат кривичните постапки! Она што е прогласено за застарено (со намалување на рокот за застареност) – е застарено! Дури и за некои лица да се повторат кривичните постапки, не можат да бидат потешки санкциите од тие на кои претходно биле осудени. Значи ако биле ослободени во претходна судска постапка – остануваат на слобода. Тоа предизвика катастрофални последици за владеењето на правото во Македонија, што остава простор за поведување постапка за одговорност за оние што ја смислија и ја спроведоа измената на Кривичниот закон што сега е во сила – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.