Изложба на накит „Листови што не венеат“, направен од четворица средношколци од Средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, беше поставена во галеријата на училиштето. Тино Наков, Јована Лазева, Мелани Манческа, Живко Станчев накитот го изработија под менторство на мајсторот и занаетчија Владимир Гавриловски, кој е всушност и иницијатор на проектот. Темата на проектот е лист. Првично е одржана работилница, на која се изработени нацрт цртежи за накит, а најдобрите четворица се селектирани од менторот заеднички да изработат парче накит кои самите го дизајнираа.
– Изненаден сум од она што го сработивме во толку краток рок. Мојата задача беше да го откријам талентот на учениците, да им помогнам каде ќе заглават. И на крај успеавме од парче лим и жица да реализираме готов уникатен производ, кој како награда учениците си го задржаа за себе – сподели мајсторот Владимир Гавриловски.


















































