Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е прогласен за добитник на наградата Гран при за Академска Институција 2025 на престижниот фестивал
SEE Paris–Berlin–Washington. Свеченото врачување се одржа на 18 ноември 2025 година во величествениот Пантеон Асас – Сорбона II во Париз, на делегација составена од проф. д-р Игор Ѓорѓиев, проф. д-р Александра Богдановиќ и проф. д-р Јулијана Бојаџиева
Овој момент беше повеќе од формално признание, доживеан како длабока академска емоција, знак на меѓународна почит и силна потврда на шестдецениската мисија на ИЗИИС за создавање знаење, иновации и отпорни заедници.
Наградата ја доделија Јордан Плевнеш, претседател на фестивалот, визионер кој со години гради културни и образовни мостови меѓу Франција и земјите од Југоисточна Европа и Фабрис Д’Алемида, потпретседател на Пантеон Асас – Сорбона II и претседател на меѓународното жири за наградата „Фредерик Росиф“, кој во своето обраќање ја нагласи клучната улога на академските институции во создавањето отпорно, етичко и одржливо општество.
Нивните зборови, исполнети со искреност и почит, ја потврдија пораката за ИЗИИС како регионален и европски лидер во научната, инженерската и општествената мисија.
Ова признание е истовремено и афирмација на високото образование во Македонија, како и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, чии научни достигнувања се препознаваат и слават на најпрестижните европски и светски сцени.
Во годината на големиот јубилеј, 60 години УКИМ-ИЗИИС, оваа награда не е само круна на минатото и сегашноста, туку и силна обврска за иднината, да продолжиме да го градиме патот на иновации, научна извонредност, отпорност и служба на општеството.



































