Фото: МЗШВ

Собранието ги усвои измените на Законот за градење и Законот за градежно земјиште, предложени од Министерството за транспорт, со цел унапредување на инфраструктурното планирање, економскиот развој и подобрување на услугите за граѓаните.

Од Министерството информираат дека со измените за првпат се овозможува целосен увид во линиската инфраструктура во државата, вклучувајќи оптички кабли, телекомуникациски мрежи, водоводни и канализациски системи, како и гасоводни и нафтоводни линии. Новините предвидуваат воспоставување системска евиденција и нивно впишување во Катастарот на инфраструктурни градби при Агенцијата за катастар на недвижности, пренесува МИА.

Според ресорното министерство, измените треба да воведат поголем ред во управувањето со подземната инфраструктура и да овозможат поефикасно планирање и одржување на јавните ресурси.

Со законските измени се предвидува и општините да можат да располагаат со градежно земјиште наменето за технолошко-индустриски зони, со што се очекува да се олесни реализацијата на инвестициските планови на домашните компании и да се поттикне локалниот економски развој.

Дополнително, извршено е усогласување на Законот за градежно земјиште со Законот за урбанистичко планирање, со цел појасна примена на законските процедури.

Во делот на Законот за градење, измените предвидуваат подобро регулирање на имотно-правниот статус на базните станици на телекомуникациските оператори, што треба да придонесе за поквалитетни и поефикасни телекомуникациски услуги. Исто така, се воведуваат повисоки професионални стандарди при техничките прегледи на градбите од прва категорија.

Од Министерството оценуваат дека новите законски решенија ќе овозможат порационално користење на јавните добра и подобро инфраструктурно управување на национално и локално ниво.