Томас Вајцm Фото> Принтскрин

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска го усвои Извештајот за Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц.

По усвојувањето на документот, Вајц изрази задоволство бидејќи е изгласан со широко политичко мнозинство.

– Денеска го усвоивме првиот извештај за земјата на Северна Македонија од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување – вели Вајц во изјавата што до медиумите ја достави прес-службата на Европскиот парламент.
Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваа со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш образложи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.

Во Извештајот на Вајц се нагласува потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се посочува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ. Се повикува на брз напредок во преговорите за членство во ЕУ и спроведување на уставните измени. Во документот постојат неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.

Сега останува Извештајот да биде одобрен на пленарно заседание на Европскиот парламент. Следното пленарно заседание на ЕП е закажано за од 7 до 10 јули во Стразбур.

По гласањето, бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложи додавање на „мислење на малцинството“.