На 21-то Изборно собрание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), што се одржа денеска се избрани двајца редовни членови, осум дописни членови, четири членови надвор од работниот состав и двајца почесни членови.
МАНУ соопшти дека за нејзини редовни членови се избрани дописните членови Изет Зеќири и Блажо Боев. За дописни членови се избрани проф. д-р Гордана Лажетиќ во Одделението за општествени науки, проф. д-р Мирко Тодоровски и проф. д-р Димитар Трајанов во Одделението за технички науки, проф. д-р Александар Узунов во Одделението за природно-математички и биотехнички науки, проф. Жарко Башески, проф. Невзат Бејтули, проф. д-р Драган Даутовски и проф. д-р Ивица (Иван) Џепаровски во Одделението за уметност.
За членови надвор од работниот состав се избрани проф. д-р Стојко Стојков од Одделението за општествени науки, проф. д-р Светлана Мојсов од Одделението за медицински науки, проф. д-р Гордан Караман од Одделението за природно-математички и биотехнички науки и проф. д-р Сибила Петлевски од Одделението за уметност.
За почесни членови на МАНУ се избрани проф. д-р Трајче Стафилов во Одделението за природно-математички и биотехнички науки и проф. д-р Владо Поповски во Одделението за општествени науки.
Од Академијата и раководството изразуваат големо задоволство од квалитетот на новоизбраните членови и им посакуваат продолжување на успешната работа во насока на унапредување на науките и уметностите.
– Со нивниот избор се зајакнува работниот карактер, како и капацитетот на МАНУ да придонесе кон дефинирање на стратешките насоки за развојот на државата. Со успешното завршување на 21-то Изборно собрание на МАНУ се заокружува изборниот процес што започна на почетокот од оваа година, што сведочи за вниманието и сериозноста со кои се пристапува кон изборите на нови членови во највисоката научна институција во нашата држава – стои во соопштението од Академијата.



































