Фото: Нова Македонија / Архива

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков информира дека е донесена одлука за избор на изведувач за реконструкцијата на Универзалната сала, но постапката сè уште не е завршена бидејќи е поднесена жалба за која треба да се произнесе второстепената комисија.

Како што појасни Љутков, евалуацијата на доставената документација е завршена и одлуката за избор на изведувач била донесена минатиот понеделник. Во рокот за жалби, на претпоследниот ден, била поднесена жалба, поради што сега се чека одлука од второстепената комисија, пренесе МИА.

– Евалуацијата на документацијата заврши и ја донесовме одлуката за избор на изведувач. Чекавме десет дена и на претпоследниот ден се појави жалба во однос на одлуката, па сега чекаме второстепената комисија за жалби да се произнесе. Претходниот пат тендерот падна, но се надевам дека овој пат тоа нема да се случи. Штом се донесе одлуката, веднаш ќе пристапиме кон потпишување на договорот и почеток на реконструкцијата, бидејќи средствата се обезбедени – рече Љутков.

Тој додаде дека процесот за избор на понудувач бил транспарентен, но на повикот се пријавиле само две компании.

– Тоа е многу отворен процес. Очекувавме да има повеќе кандидати за изградба на Универзалната сала, но се јавија само двајца понудувачи. Едниот не ги исполнуваше условите, особено поради прашања поврзани со лиценците по пожарот во Кочани, па комисијата утврди дека само една компанија ги исполнува условите и донесовме одлука таа да биде изведувач – истакна Љутков.

Според условите во јавниот повик, рокот за изградба и завршување на објектот е две години, а ќе започне да тече десет дена по воведувањето во работа на економскиот оператор.

Новата Универзална сала ќе ја задржи постојната форма, но ќе биде целосно модернизирана. Предвиден е капацитет од 1.200 седишта, современа акустика и нови технолошки системи.

Во рамки на реконструкцијата е планирана изградба на нова челична конструкција со нови темели за столбовите, нова конструкција за куполата, поставување нова фасадна облога и покривање на куполата со енергетско-ефикасни материјали. Предвидена е и проверка на јакоста на постојната бетонска и на употребливите елементи од челичната конструкција.