Советот на јавните обвинители ќе избира обвинители во 11 обвинителства тогаш кога ќе се види дали пратениците ќе ги изгласаат измените на Законот за работните односи, со кој ќе се овозможи јавните обвинители, кои, според сегашниот закон треба да одат во пензија, да може да продолжат со работа. Втората причина поради која не се направи изборот е фактот што не е завршено оценувањето на кандидатите. Доколку Советот сега изберше нови обвинители од кандидатите, а Собранието ги изгласа измените, ќе има по двајца обвинители на иста позиција. За овој закон два дена се случуваше хаос во Собранието.
– Навремено објавивме оглас кога не постоеше предлогот за изменување на Законот за работните односи, каде што се дава можност за продолжување на мандатот. Сега со ова што се случува во Собранието, дали ќе се донесе или не, ќе биде преурането. Ако ние донесеме сега одлука за основен обвинител во Прилеп и се продолжи рокот за пензионирање на јавните обвинители, тогаш ќе имаме двајца основни обвинители. Затоа моравме да одложиме. Објавен е и оглас за сите обвинителства, сметавме дека најцелисходно е да се изврши извор одеднаш на сите обвинителства, да не одиме со цепкање на огласот. За законот ќе видиме утре – рече Антонио Јолевски, претседател на Советот за јавните обвинители.
Тој вели дека 11 обвинители требало да бидат заминати, ако не им беше продолжен мандатот со одлука на Советот, а сега и работниот век, со законот што се чека пратениците да го гласаат на пленарна седница.
– Изборот беше закажан кога очекувавме да се направи оценувањето. Бидејќи настана процесен проблем со оценувањето, не ни се доставени навреме оцените и не е завршено оценувањето, особено за Вишото обвинителство во Штип, каде што кандидати се обвинители од тоа обвинителство, а и сегашниот јавен обвинител, кој по закон мора да прави оценување на другите – изјави Јолевски.
До крајот на годината, ако не се изгласаат измените на Законот за работните односи, кој е со европско знаменце, во Собранието и се гласа по скратена постапка, ќе треба во пензија да заминат 13 обвинители.