Изборната кампања на претседателските кандидати за првиот круг од изборите на 24 април влегува во втората половина, а за пет дена, на 18 април почнува кампањата за парламентарните избори. Во фокусот европската интеграција на земјата, потребните реформи, но и економската состојба, криминалот и корупцијата. Државната изборна комисија (ДИК) вчера ги потврди листите за пратеници за парламентарните избори, но исто така неколку листи не беа прифатени. Извршена беше и жрепка за редоследот на избирачкото ливче за парламентарните избори.
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван низ Македонија продолжува со средби на граѓаните во Желино, Брвеница и со граѓаните на Теарце, а потоа тој ќе одржи митинзи во Јегуновце и во Тетово. Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска- Давкова ќе одржи средби со граѓани и митинзи во Зелениково, Бутел и Карпош.
Претседателскиот кандидат на ГРОМ и коалицијата Стевчо Јакимовски во текот на денот ќе биде на средби со граѓани Крива Паланка. Кандидатката за претседател поддржана од Левица Билјана Ванковска ќе одржи средби со граѓаните на Струга и Охрид. Кандидатот за претседател на коалицијата Вреди Арбен Таравари ќе има средби со граѓани во Паркот во Сарај, а вечерта ќе одржи собир во Куманово. Кандидатот за претседател на ЗНАМ Максим Димитроевски ќе биде меѓу граѓаните на Кичево, Демир Хисар, Кривогаштани и вечерта во Прилеп.
– Барам од сите вас, на 24-ти овој месец, масовна политичка мобилизација, уште во првиот изборен круг да покажеме дека сме за нормална, напредна и европска Македонија, на сите, а не за заробена, на неколкумина, на еден човек или на една фамилија. На 8 мај само ќе ја завериме победата, но не за нас, не за мене лично, не за идниот премиер, пратеник или министер, туку за сите деца, за сите идни генерации, зашто заслужуваме, по 33 години, по оваа долга и мачна транзиција, конечно да станеме дел од европското семејство – порача синоќа од централниот митинг во скопски Центар, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Нема план „Б“, има само план „А“, истакна Пендаровски во врска со уставните измени кои, како што напомена, мора да поминат за да станеме членка на ЕУ. Се осврна и на предизборната дебата со противкандидатите, нагласувајќи дека ќе присуствува каде и да се одржи, со мал исклучок, алудирајќи на МРТВ кон која засега има резерва.
-Јас бев првиот кој понуди дебата со сите кандидати и не правев селекција – „овој да биде, овој да не биде“. Онаа дебата на која ќе присуствуваат сите седум кандидати, ќе бидам каде и да е, со мал исклучок, МРТВ. Тука имам резерва. Ако е точно, за аферата што излезе пред неколку дена, дека наводно има документи кои докажуваат дека штабот на најголемата опозициска партија организирал центар за продукција на лажни вести и политичка пропаганда, тогаш нека причекаат додека надлежните органи не ја расчистат, зашто можеби не е точна, можеби е фалсификат. Прво расчисти ја, па потоа ќе ме викаш на дебати – подвлече Пендаровски.
На митинзите во Скопје тој доби поддршка и од лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, кој уште еднаш кажа дека овојпат изборот е меѓу надеж и безнадежност, прогрес или враќање назад во минатото.
-Знам дека граѓаните ќе ја донесат вистинската одлука за државата. Тие сакаат и заслужуваат европски стандард дома, тука, во земјава, а ние имаме волја, знаење и тим да испорачаме резултати – рече Ковачевски.
Според него, гласот за Пендаровски и Коалицијата за европска иднина е глас за европска Македонија.
-Заедно со нашиот претседател, Стево Пендаровски, имаме визија и план како да ја внесеме Македонија во Европската унија. Решителни сме, имаме волја, храброст и знаење како да ја обезбедиме европската иднина на земјата, на сите наши граѓани. На сите сегашни и идни генерации. И со вас, граѓаните, заедно во тоа ќе успееме во тоа. Граѓаните на Центар отсекогаш знаеле да донесат вистинска одлука на денот на изборите. Да пркосат на режим, да останат бастион на демократијата, да изберат локална власт и градоначалник како што заслужуваат. Исто така како Центар, така и цела држава ќе избере Претседател каков што заслужува. Нашиот претседател Стево Пендаровски. Од другатата страна гледаме дека ништо не е променето. ДПМНЕ е истата партија од минатото, со истите луѓе. Со нив, не е можна никаква позитивна промена. Со ДПМНЕ единствено е можно само враќање назад во изолација и во темно минато, многу далеку од Европа – беше дециден Ковачевски.
Изборната програма пред граѓаните на Гостивар и Тетово синоќа ја претстави кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Силјановска-Давкова, а на митинзите зборуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Силјановска – Давкова истакна дека транзицијата во државата е една од најдолгите и претставува маратон без крај и дека треба да се поработи на европските стандарди.
-Извештаите покажуваат дека со оваа власт може да продолжиме само во циклично движење во еден хибриден режим, таков систем во кој има избори, има институции, ама институциите се слаби, изборите не се секогаш фер и демократски, ама најмоќните се премоќни. Секоја моќ се заканува да ве корумпира, апсолутната моќ ги расипа оние на врвот во сите институции. Згора кога на клучните позиции се најдоа луѓе без дигнитет, без авторитет, логично е-тие се опкружија со слични на нив, не со слични на вас. Затоа е заразна е корупцијата и криминалот, стана системска – рече Силјановска Давкова.
Тогаш, продолжи таа, имаме формални носители на власта и вистински носители на власта.
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ упати прашања до Пендаровски во врска со тоа какви планови „ковал во вила Водно со Артан Груби, Димитар Ковачевски и Али Ахмети пред неколку месеци поврзано со Кривичниот законик“.
-Овој чесниот Стево Пендаровски добро е да каже што правеше и какви планови коваше во вила Водно во присуство на Артан, Ковачевски и Ахмети пред неколку месеци поврзано со измените на Кривичниот законик и евентуална можна амнестија на поранешни политичари. Со која цел? Со цел да поминат на шверцерски начин уставните измени и да се прифати бугарскиот диктат, но истовремено да се амнестираат поранешни политичари кои ќе му нанесуваат штета или ќе имаат обид да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Стево Пендаровски треба на ова да одговори, па потоа да дискутираме дали ќе одиме на дебата или нема да одиме од која патем кажано денес Стево како најголем кукавица избега – рече Мицкоски.
Според него, секој еден граѓанин треба да знае дека гласот за Стево е глас за Артан, Али, Талат и Ковачевски.
Кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи, кој зборуваше на дискусија на тема „Зајакнување на стратешките партнерства со САД и ЕУ и соодветно меѓународно воспоставување преку надворешната политика“ рече дека една од главните улоги што ја гледа во функцијата претседател е дека ќе се заложи да биде компас на евроатлантската ориентација со фокус кон САД, а стратешкиот дијалог ќе го подигне на ниво на претседатели на држави на највисоко можно ниво.
Тој ја повтори заложбата дека првата работа што ќе ја направи доколку биде избран за шеф на државата ќе закаже состанок со лидерите на партиите, кој ќе трае се додека не се постигне консензус за Европската унија, а втората работа, според него, е консензус по однос на стратешкиот дијалог со САД.
На новинарско прашање во однос на коментарот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е задоцнета можноста околу градењето консензус за уставните измени и како мисли да се вклучи опозицијата, Османи вели дека тоа не е точно и дека опозициската партија ги манипулира граѓаните во однос на содржината на Францускиот предлог и Преговарачката рамка со погрешно толкување.
Кандидатот за претседател од партијата Левица, Билјана Ванковска ја претстави програмата пред граѓаните на Македонска Каменица и Делчево. Македонска Каменица, како што рече, ја посетува втор пат, а целта е со граѓаните да поразговара „очи в очи” за актуелните проблеми и претставување на програма која таа ја нуди како претседателски кандидат.
-Во Македонска Каменица прв пат бев овде кога ја отворавме локалната канцеларија. Денеска имаме пазарен ден и малку повеќе луѓе, продолжуваме со разговор „очи в очи” со граѓаните, од кои за жал ја слушам онаа приказна, колку граѓани утрово се качиле во автобуси и заминале од градот. Значи постојано во овој дел од Македонија, но и во останатите се соочува со иселување на она што е најдоброто и она што е најсакано. Целата наша програма, значи зборувам за онаа својата претседателска, меѓутоа и она што ќе следува во вид на парламентарна програма на Левица е насочена токму кон решавање на проблемите на граѓаните – рече Ванковска.
Според Ванковска, вест на денот е дека нема да има дебати, заради што, како што рече, граѓаните нема да бидат во можност да ги слушнат аргументите на Левица.