Фото: Кабинет на поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов

Поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов учествуваше на меѓународниот форум „Местото на Шкотска во Европа: Поттикнување на меѓународната соработка и разбирање“ (Scotland Forum 2025), кој се одржа од 1 до 4 септември во Единбург. Настанот се реализираше на Универзитетот Хериот-Ват, а дел од сесиите беа одржани и во шкотскиот парламент и замокот Единбург, градби кои симболизираат дијалог, демократија и заедништво, соопштија денеска од неговиот кабинет.

Во обраќањето Иванов говореше за улогата на Македонија и регионот во современите глобални процеси, притоа споделувајќи искуства од својот претседателски мандат. Зборувајќи за потребата од визионерско лидерство и искрена соработка меѓу народите, тој нагласил дека токму таквото визионерско, државничко и стратешко лидерство надополнети со интезивна и континуирана меѓународна соработка претставуваат клучни предуслови за успешно справување со предизвиците и надминување на неизвесностите на денешницата.

– Претседателот Иванов се обрати и на специјална сесија во шкотскиот парламент, која ја отвори претседателката на парламентот Алисон Џонстон, а на која учествуваа бројни пратеници и јавни личности. Во оваа пригода, Иванов се наврати на своето искрено пријателство со поранешниот прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд, зборувајќи за неговата љубов кон татковината и силната посветеност на просперитетот на својата земја и на благосостојбата на неговите сограѓани. Тој истакна дека Салмонд уживаше голема почит и имаше бројни следбеници не само во Шкотска, туку и надвор од неа, нешто што се потврди и при неговото последно обраќање во Охрид минатата година, кога голем број луѓе дојдоа за да го слушнат неговото излагање – се вели во соопштението од неговиот кабинет.

За време на форумот, Иванов оствари повеќе средби со истакнати учесници како поранешни премиери, министри, дипломати, пратеници, универзитетски професори од различни европски земји и јавни личности. Меѓу нив биле поранешните премиери на Ирска – Бертие Ахерн, на Шкотска – Хенри Меклиш, на Велс – Марк Дрејкфорд, поранешниот Државен секретар за Шкотска – Лорд Малком Офорд, поранешни министри за надворешни работи на Финска, Шведска, Естонија, поранешни министри од различни ресори од Шкотска, Велс, Естонија, Хрватска, Кипар, Финска, како и актуелни парламентарци од Обединетото Кралство, Шведска, Велс, Финска, Полска, Кипар, Литванија, Турција, Пакистан и др.

Меѓу учесниците на форумот, со кои претседателот Иванов оствари средба, е и легендарниот фронтмен и текстописец на Deep Purple, Иан Гилан, чија појава, како што се вели во соопштението, и денес буди восхит и почит кај љубителите на рок-музиката ширум светот. Средбата ја заокружила културната и духовната димензија на форумот, потсетувајќи дека уметноста и музиката се еднакво важни градители на мостови меѓу народите, како и политиката и дипломатијата.

Со своето учество на Scotland Forum 2025, Иванов, кој беше македонски претседател од 2009 до 2019 година, како што велат од неговиот кабинет, уште еднаш ја потврдил својата активна улога на меѓународната сцена, придонесувајќи за зајакнување на дијалогот, градење мостови на доверба и промовирање на разбирањето меѓу народите.