Корупцијата во здравствениот систем станува сè почеста и нормализирана појава, а пациентите ретко ја препознаваат и уште поретко ја пријавуваат. Ова го покажува најновото истражување за искуствата, перцепциите и ставовите на граѓаните за коруптивните практики во здравството, спроведено од Здружението ЕСЕ – граѓанска организација која работи на подобрување на имплементацијата на социјалните и економски права на ранливите групи на граѓани преку нивно зајакнување, мобилизирање и вклучување во планирањето, спроведувањето и во оценувањето на јавните политики и услуги во Македонија.
Иако мнозинството граѓани ја сметаат корупцијата за сериозен проблем, мал дел од нив признаваат дека директно се соочиле со неа. Според анкетата, речиси 90 проценти од испитаниците изјавиле дека не им била побарана корупција, а 94 проценти дека не понудиле поткуп во последните 12 месеци.
Сепак, фокус групите покажуваат поинаква слика – многу од испитаниците посочиле дека лично се соочиле со корупција или имаат блиски кои имале такво искуство. Загрижувачки е што ниту еден од оние на кои им била побарана корупција не го пријавил случајот.
– Здравството е сектор со најголема разлика помеѓу доживеаната и пријавената корупција. Граѓаните не пријавуваат најчесто поради страв од последици, губење пристап до услуги или одмазда – вели Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ.
Најчеста форма на корупција е давање пари или подароци, што учествува во дури 83 проценти од случаите. Потоа следуваат упатувања во приватни здравствени установи или препораки за купување одредени лекови.
Особено ранливи се пациентите кои имаат потреба од итни здравствени услуги.
– Во најнеповолна положба се пациентите кои бараат брзи термини, дијагностика или операција. Често услугите не се обезбедуваат навреме сè додека не се плати поткуп – изјави Борјан Павловски од ЕСЕ.
Истражувањето покажува и дека жените се поизложени на корупција. Дури 25,3 проценти од испитаничките изјавиле дека имале коруптивно искуство при користење гинеколошко-акушерска здравствена заштита.
Дополнителен проблем е што дел од граѓаните не ја препознаваат корупцијата, туку ја сметаат за „знак на благодарност“, давајќи подароци по завршена услуга.
Корупцијата, според анализата, ја намалува довербата во здравствениот систем, ја нарушува неговата ефикасност и создава нееднаквост во пристапот до услуги.
Главна препорака е воспоставување безбедни и доверливи канали за пријавување, како и јавни кампањи што ќе ги охрабрат граѓаните да пријавуваат наместо да учествуваат во вакви практики.
Истражувањето е спроведено преку телефонска анкета на 1.040 испитаници, како и преку фокус групи во шест градови во Македонија со учество на околу 100 жени. Активноста е дел од проект за намалување на корупцијата во здравството, реализиран од Здружението ЕСЕ со поддршка на меѓународни партнери.

































