Гласањето во АФЕТ и самитот на НАТО се јасни индикатори за тоа каде сме и како да ја позиционираме државата во иднина
Сега е клучно Македонија да истрае на тој пат бидејќи прашањето за идентитетот е интернационализирано и со конечното признание за повеќевековниот посебен македонски идентитет и јазик се става точка на асимилаторските политики на соседите и се отвора нова страница за градење добрососедски односи, втемелени врз заемно разбирање, почитување и соработка во сите области
Деновиве се одвиваат два исклучително важни настана што би можеле да бидат некаков индикатор за тоа каде се наоѓа Македонија, но уште повеќе како таа да се позиционира во иднина, имајќи го предвид расположението на клучните меѓународни актери во поглед на македонските евроинтеграции и заштитата на македонскиот идентитет.
Гласањето по извештајот за напредокот на Македонија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, како и самитот на НАТО во Хаг, се настаните што треба да покажат јасен став на меѓународната заедница дали таа ќе остане доследна на меѓународните принципи за почитување на правото на самоидентификација или, пак, принципиелноста ќе биде заменета со нечии повисоки интереси.
Европа нема дилема дека македонскиот народ има повеќевековен континуум
Голема прашина изминатите 20 дена се крена околу гласањето на извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, најмногу поради дополнувањата во текстот на извештајот со кој се потврдуваат повеќевековниот македонски идентитет и јазик.
По долгата дипломатска битка што во изминатиот период ја водеше Македонија, Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент вчера го усвои извештајот за земјава за 2023 и 2024 година, подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. По усвојувањето на документот, Вајц изрази задоволство бидејќи е изгласан со широко политичко мнозинство.
– Го усвоивме првиот извештај за земјата од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. С. Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување – се наведува во изјавата на Вајц што до медиумите ја достави прес-службата на Европскиот парламент.
Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен по барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваа со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш образложи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
Сега останува извештајот да биде одобрен на пленарно заседание на Европскиот парламент, кое е закажано од 7 до 10 јули во Стразбур.
По гласањето, бугарски европратеник најави дека како додаток на извештајот ќе предложи додавање „мислење на малцинството“.
Без оглед што извештајот правно ништо не обврзува, сепак тоа покажа дека по 100 и повеќе години повторно е актуализирано прашањето за македонскиот идентитет и јазик во европските институции. Уште поважно е што вчерашното гласање во АФЕТ, кое повеќе од сигурно ќе се преслика и на пленарната седница на ЕП, јасно го покажува европското расположение во поглед на заштитата на македонскиот идентитет и јазик.
Сега е клучно Македонија да истрае на тој пат, бидејќи прашањето за идентитетот е интернационализирано и со конечното признание за повеќевековниот посебен македонски идентитет и јазик, се става точка на асимилаторските политики на соседите и се отвора нова страница за градење добрососедски односи, втемелени врз заемно разбирање, почитување и соработка во сите области.
На НАТО-масата Македонија е рамноправен партнер со Бугарија
Дводневен самит вчера и денеска во Хаг одржува и НАТО, на кој учествува македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова.
Како што е најавено од Кабинетот на македонската претседателка, на маргините на самитот се очекува таа да оствари билатерални средби со претседателите на некои од земјите членки. И покрај инсистирањето од македонска страна на НАТО-самитот да биде одржана средба и меѓу претседателката Силјановска-Давкова и бугарскиот премиер Росен Жељазков, немаше официјална потврда од бугарска страна за евентуална таква средба.
Ова јасно говори дека Бугарија избегнува каков било дијалог со македонската страна на места каде што двете земји се рамноправни партнери, стравувајќи дека најголемиот дел сојузници не наоѓаат никаква разумна причина за бугарската блокада на македонскиот евроинтегративен пат. Истовремено, Бугарија стравува дека ќе се соочи и со оправдани критики од сојузниците бидејќи свесно работи на создавање безбедносен вакуум во срцето на Балканот оставајќи ја Македонија блокирана на патот кон ЕУ.
Дополнително, на самитот во Хаг ќе биде присутна и актуелната потпретседателка на Алијансата, Радмила Шекеринска, која од оваа висока функција може да лобира меѓу НАТО-сојузниците за надминување на бугарската блокада токму за да се избегнат какви било безбедносни ризици во регионот поради кочењето на македонските евроинтеграции од страна на официјална Софија.
Односот на сојузниците во Северноатлантскиот пакт ќе покаже дали НАТО не заборавил на долгогодишниот македонски придонес за Алијансата, кога од позиција на земја партнер Македонија овозможи НАТО да спроведува дел од операциите на Балканот, испраќаше свои војници во НАТО-контингентите во Ирак и Авганистан, многу повеќе отколку што тоа го правеа полноправните членки на Алијансата.
Затоа на самитот на НАТО во Хаг, покрај утврдувањето на клучните приоритети за Алијансата, пред сѐ зголемувањето на одвојувањето за одбраната, безбедносните ризици и потенцијалните закани, има простор на маргините да се разговара и за пеглање на разликите меѓу самите земји членки, во случајот меѓу Македонија и Бугарија, во насока НАТО да ја зголеми кохезијата во сопствените редови.
Несомнено, Македонија како полноправна членка, имајќи ја предвид и жртвата што самата ја даде за членството во НАТО, сега, кога веќе седи рамноправно на иста маса со Бугарија, треба јасно и недвосмислено да продолжи да притиска официјална Софија да престане со агресивниот напад врз македонскиот идентитет и конечно да ја прифати реалноста дека станува збор за посебен народ со свој идентитет, јазик и историја, кој опстојувал со векови.
И тоа не треба да се прави само на овој самит на Алијансата туку на секој друг потоа, додека Бугарија конечно не се откаже од експанзионистичките намери и не ги прифати реалноста и меѓународното право.