Влатко Деловски - Фото: Сашо Алушевски

Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора на општеството? „Нова Македонија“ во повеќе написи ќе ги објавува одговорите и идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…

Влатко Деловски, етнолог и магистер по културолошки студии, директор на НУ Манифестација „Смилевски конгрес“

Иако сум се потрудил ќерка ми на три и пол години да знае што е „рунтаво куче“, како родител многу сум загрижен, оти мислам дека незнаењето на македонскиот јазик кај децата е комплетно декадентно и, во најмала мера, за мене, без преседан е да не си го знаеш својот стандарден македонски мајчин јазик

Уште на почетокот сакам да кажам дека повеќе сакам да отворам проблеми и да поставувам прашања отколку да одговарам на прашања. Сепак, текстов ќе го започнам со едно чудесно прашање, на кое, сепак, иако се обидов – неуспешно одговорив.

Имено, кога Јосиф (син ми) го крена погледот, забележувајќи ја полната месечина, ме праша: Што е ова? – Голема сребрена топка – му реков.
Јазикот работи со една преносливост, нема јасен принцип и може да се појави на повеќе начини, оти е жива материја подложна на еволуција и игра. Затоа, понекогаш може да потрае некое време пред да ги препознаеме јазичните плодови од тие промени. Сепак, со малку вежбање и разборитост, можете брзо да го препознаете умешниот стилски уред на јазикот што функционира како леќи низ кои се интерпретира нечија култура и се доаѓа до личното искуство и доживување на другиот.

Она што суштествено го интересира јазикот е беспоштедната желба за движење, па ако го парафразирам Бодлер, би рекол: јазикот има страв од седење дома, или како што тој во друг контекст вели: „големата болест“ – страв од домот. Јазикот сака да избега од еднобојниот свет на монотонијата и монохромијата, во надеж дека во повеќебојниот свет на различност ќе најде начин за повторно реоткривање и славење на магијата да се биде свој – главен белег на идентитетот на еден народ.

Вистина е дека јазикот неколку километри исток-запад (север-југ) е дијалект, два метри под земја е мртов, во границите на националните држави е стандарден, а, пак, „нагоре“ е надјазичен. Исто така и со секој друг сегмент од културата на човекот. Па, зошто тогаш луѓето си ги вадиме очите со истории, етничности, различности и слично?
Светот е полн со такви „јазични огледала“. Луѓето петрифицирани во тие огледала не сфаќаат дека човекот е бесконечно и отворено битие (или кога навистина би бил, како што велам, се прашувам зошто е тоа лажно дуплирање и затворање?). Јас повеќе сакам да сонувам дека сјајните „површини“ (јазикот, културата, итн.) го созерцаваат бесконечното или натсветовното; свесното, наддијалектното и надјазичното. Меѓутоа, „самоубиството“ (огледалце, огледалце кажи на светов поубав кој е?) ги уништува таа метапорака и пропорција длабоко скриени во јазикот и логосот. Дивите копачи по себство не сфаќаат дека можноста еден човек да си ја најде својата перфидна/лукава варијација на своето, без да има предвид дека кој било човек е совршен центар, се сведува на нула. Таквите ја земаат најблиската книга, ја прелистуваат – од крај кон почеток, во потрага по лоши зборови, не сфаќајќи дека во „огледалната археологија“ никој ништо не нашол, освен лажна слика за себеси.

Од друга страна, жално е што од небрежност, што од инсинуирање, некои, на пример ние Македонците си создаваме мрачни поморници на нашата доба, искорнувајќи го јазикот од неговото минато, создаваме неизвесна иднина. Та, денес се поставува прашањето што органски требаше да не постои без да се постави: Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора на општеството? Кога страда стандардниот јазик на еден народ, не страдаат само идентитетот, културата на народот или самиот народ, туку страда битието. Зошто? Според Хајдегеровата филозофија, јазикот не е човечка одредница, туку човекот е одредница за јазикот. Со други зборови, повеќе човекот му припаѓа на јазикот отколку јазикот нему. Најпрвин, човек треба да проговори она што му го налага јазикот и самото негово битисување. Ова е најблиску до почетокот на Евангелието според Св. Јован: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Бог беше Словото“.

„Јазик е прапесништво со чија помош еден народ го опева своето битисување“, вели Хајдегер.

Со сета почит и љубов кон сите јазици и култури, сакам да кажам дека стандардниот македонски јазик не смее да служи за поткусурување! Нема подобра мерка за оваа криза на македонскиот идентитет, од заборав и неупотреба на стандардниот македонски јазик. Еден стандарден јазик е повеќе од збирка зборови или шема на граматички правила, тој е одраз на човечкиот дух, филтер низ кој душата на секоја посебна култура навлегува во материјалниот свет.

Што може да биде поосамено отколку принудно да се биде обиколен со немство, да се биде бледа рефлексија на минатиот век (20 век) што бил способен да го зборува стандардниот македонски јазик. Нема „поуспешно“ мртвило од истребување на јазикот – да ставиш граница/стоп, за двојно болки срцето да го кинат – отаде и одавде знакот и границата. Да замолчиш гласови и народ, да уништиш уникатни визии за животот. Се прашувам, како е да се замолчи шепотот на мајката, заменет со посредни сурогати за комуникација? Да се нема можност „однатре“ да му се раскажат на светот чудесата и обичностите што некогаш сте ги слушале, знаеле, читале и говореле? Како е да се одречеш од мудроста и знаењето, „валканите“ приказни и хуморот на својот јазик, опрашен од поленот на природата и убавината? Како е јазичниот „прав“ да ти го заменат големосемениците со пестициди? Како е да немаш слобода за возобразување нешта што не постојат на својот јазик? Како е да престанеш да му веруваш на својот јазик?

Докази за (не)употребата на стандардниот македонски јазик постојано татнеа околу нас, да речеме од конституирањето на Република Македонија, но ние не ги забележувавме. Можеби, или сакам да верувам дека на крајот сфативме, барем делумно; и иако не даваме некои конкретни решенија за најгорливите проблеми, сепак, добро е што ниту еден легитимен медиум не може да го игнорира или негира степенот на заканата или итноста околу преземањето мерки. Самата оваа свесност претставува реориентација на македонското општество за употребата на стандардниот јазик, која треба да биде истовремено и историска во своето значање, и длабоко надежна во она што го ветува. Признавањето дека постои проблем, секако, не е исто што и пронаоѓањето решение. И кревањето на еден превез од нашата визија не значи нужно и дека целосно сме си го повратиле видот. Мора да имаме предвид дека еден јазик, што се јавува во муграта на свесноста, е исто толку божествен и мистериозен како и едно живо суштество. Неспорно е дека јазиците, како и видовите, секогаш еволуирале. Пред латинскиот да исчезне од сцената тој им дал поттик на различни, но сепак меѓусебно поврзани јазици. Во текот на целата човечка историја постоеле приближно десет илјади јазици. Денес, од грубо земено шесте илјади што сѐ уште се зборуваат, половина не им се предаваат на децата, што значи дека тие се практично мртви, а само триста се говорат од повеќе од милион луѓе. Само шестотини јазици се сметаат, од страна на лингвистите, за стабилни и безбедни. Во друг век, дури и оваа бројка може да биде драматично намалена. Ултимативната трагедија не е во тоа дека јазиците исчезнуваат, туку дека живи, динамични култури и јазици се уништуваат, главно од негрижа. Денес, некои јазици се губат со толку брзо темпо, во текот на една генерација или две, што тие немаат шанси да остават наследници. Со ризик се соочува огромна архива на знаење и експертиза, каталог на имагинацијата, усна и пишувана литература составена од спомени на безброј постари лица, мудреци, бабици, поети, светци. Таква е судбината, всушност, на голем број народи; на секои две недели некаде во светот исчезнува по еден јазик. Дури и додека ги читаме овие зборови, можете да ги чуете последните еха на касабе во Камерун, помо во Калифорнија, она во Патагонија и звуци на други јазици што на Запад дури немаат ни име.

Сето ова го напишав оти малкумина ги препознаваат целосното значење и важноста на она што се губи. Оттука одговорот на прашањата (како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството?) се замаглува и е невозможно да се квантифицира. Дури и помеѓу оние што сочувствуваат со проблемите на (не)употреба на стандардниот македонски јазик постои расположение на резигнација, како јазикот да ни е осуден да ни се измолкне.
Накрај, би дал само еден совет до родителите, зачнат во нуклеусот на јазикот – семејството. Најголем приоритет од најмала возраст треба да бидат читањето, учењето и градење љубов кон својот мајчин јазик. Неретки се децата Македонци што не го знаат македонски јазик, туку само англиски. Зборуваат македонски како да се од Австралија. Дечки тоа не е кул! Тоа е родителска фрустрација: демек тие не го знаеле доволно англискиот јазик, па еве сега ќе ја „исправиме“ нашата грешка кај децата. Иако сум се потрудил ќерка ми на три и пол години да знае што е „рунтаво куче“, како родител многу сум загрижен, оти мислам дека незнаењето на македонскиот јазик кај децата е комплетно декадентно и, во најмала мера, за мене, без преседан е да не си го знаеш својот стандарден македонски мајчин јазик.