Иран – втор дел. Зошто само Иран?

ВОЈНА НА БЛИСКИОТ ИСТОК

Мислам дека Иран има сериозна намера да направи атомскo оружје. Фундаментален режим како иранскиот не е доверлив. Ако направи нуклеарно оружје, многу е веројатно дека ќе го примени. Асиметрија на дистрибуцијата на атомското оружје не сака ниедна сила што има здрав разум. Тоа може да го посакуваат само формации со дисбалансирани пресметки (терористи, криминални формации). Значи, прво силните фактори (сите) би сакале да се уништат нуклеарните постројки во Иран, а егзекуторот (сабјата) е Израел. Тој ќе мора да го наплати тоа. Второ, тие посакуваат и системот да се демонтира, како што беше демонтирањето на комунизмот. Ако е така, тогаш тоа е на ниво на нужност и мора да се случи

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио

Работите стрмоглаво се менуваат. Кога ќе го читате овој текст, сѐ ќе биде свртено наопаку. Затоа ќе одиме малку настрана. Прво, зошто го ставам само името Иран, а не и Израел? За респект, респект на старата моќна империја Персија. Респект кон постариот брат. Колку луѓе знаат дека Иран е всушност старата Персија? Сите? Се сомневам, а со денешниот степен на глобално образование, тешко дека воопшто некој знае за Персија. Цивилизација постоела уште во палеолитот, до појавата на Елам (Халтами) и градовите Суса, Алшан и Шимашки, со посебен јазик, конкуренти на Сумер, потоа Акад меѓу сегашниот Арапски Мореуз и планината Загрос уште пред 5.000 години. Библијата вели дека тоа се синови на Шем (Сем) и по таа логика би требало да се „браќа“ со Евреите. И Евреите и Александар Македонски се поклонувале на гробот на персискиот крал Кир. Кир е спасителот на Евреите од вавилонското ропство на Набукодоносор II, а тогаш се изградил Вториот храм и живееле пророците Исаија, Езекил, Еремија, Хабакук, Елија итн. Александар бил обожавател на Дариј Први (не Дариј Втори со кого војувал) и идејата за Индија ја добил од него. Религијата на Персија била зороастеризам (Заратустра), која била влијателна и во Рим, Грција, Византија (дури и на цар Самоил), Катарите, па и до денес. Преисламската култура е збришана, но нешто се наоѓа од компилациите на Косрау Први. Знаеме за огромно влијание врз грчките филозофи (Ферекид, Питагора, Хераклит, Протагора, Анаксагора, огнот го дели доброто од лошото). Исламската култура е колосална. Само да ги спомнеме научниците Ал Фараби, Ал Батани, Ибн Сина (Авицена), Ибн Батута, Ибн Рушид, Омар Хајам, Ал Рази, Ибн Хајан, Ал Хинди, Ибн Калдун, Ибн Бајтар, библиотеката Сарујех итн. Познати поети се Рудаки, Фердовзи, Хајам, Санаи, Атар, Руми, Саади, Хафез… „Инспирација е твојата тишина… Запомни – похрабар си од што мислиш, попаметен си од што мислиш… што бараш те бара тебе“, вели Руми. И што од сево ова? Милениумот зрачи врз вашиот ум. Персија е сонце, кое светлината ја пренесе на езотеричната база на херметизмот, хеленизмот, јудаизмот и кабалата, кои таа енергија ја пренесоа врз базичните науки и сегашната цивилизација, што ќе го дискутираме во подоцнежни написи.

Името Иран (Аријан) е од античка Индија (Ариевци), но ја замени Персија дури по Втората светска војна од Реза Шах под дејство на германската (нацистичка) идеологија, која сметаше дека германоидните народи се Ариевци. Зошто Англичаните не инсистираа на враќањето на името Персија? Не знам. Тоа ме потсеќа на нашата промена на името – деперсонализација, деисторизација, декултуризација. Името Иран симболично и психолошки ја брише Персија од актуелната игра. Друго – ако Англичаните и САД беа победници, зошто не ги зедоа точките богати со нафта во мореузот? Не знам. Можеби е тоа методот на елитите – друг да биде сервант и да дава продукт по ниска цена. Англичаните уште од 17 век сакаа да создадат „еврејска држава“ (Кромвел). Од една страна ги стимулираа Евреите да ги напуштат своите земји во Европа и да ги населуваат Палестина и Ерусалим, а симултано ги воспалија верската омраза и антисемитизмот кај Арапите и другите муслимани. Стотици илјади Евреи се иселени (присилно) од арапските земји и од Иран, а сега ајатолахот вели дека „Евреите немаат право да ја газат Светата Земја… тие треба да бидат збришани од површината на Земјата…“. Извинете – ова за мене е верски нацизам. Но, извинете, постои уште една доктрина – „треба да се уништат сите неверници“ – значи Евреи и христијани. Тоа го пропагираат некои имами и во Америка – ама медиумите молчат.

Затоа се овие немири што ги гледате на телевизија (Хиспанците се само „чадор“ покривач). Арапите и Иранците беа агенти на Абвер и Ес-ес во Втората светска војна, а после се префрлија кон Британците и Американците. Ете така братските народи, кои вечно живееле заедно – сега се смртни непријатели. Омразата не доаѓа од самата религија, туку од нејзиното манипулирање. И во стариот век се манипулирало со религиите за да се владее со робовите. Многу учење и крвопролевање требало да се вложат за да дојде до сфаќање дека не треба да постојат робови. Робовите се заменети со интереси, а интересите се профити и материјални ентитети. Материјалните интереси се просторни (нацистите тоа го нарекле „lebensraum“), енергенти (нафта, гас), злато и други ретки метали (литиум, талиум, платинум, индиум, ураниум), а во иднина – вода. Фокуси на овие супстанции се Африка (таму започнува револт и џихадизам), Азија и Канада.

Дали Трамп ќе го оствари стратешкиот обрач („орбита“) за кој порано зборувавме, ако биде презафатен со Блискиот Исток? Во свое време Аристотел велел „Платон ми е драг, но вистината подрага“. Па така, Трамп би рекол „Израел ми е драг, ама материјалните интереси подраги“. Истото тоа го велат и неговите надредени (банкари, стратези, воени фактори итн). Софистицираните B-2 норторп со бомби т.н. „бункербастери“, кои им се насушен леб на Израелците, се во движење во Индиски Океан. Единствено овие бомби може да продрат на длабочини до 100 метри под земјата, па и повеќе, што е важно за разорување на подземните центрифуги за збогатување на ураниумот што ги применува Иран. Денес (четврток 19 јуни) претседателот Трамп сѐ уште „се колеба“ дали да ги испрати овие оружја, што би значело ангажирање во војната. Но тој пропагира дека е „миротворец“, а и Нобелова награда посакува. Нетанјаху применува трикови за да го наведе во играта. Во спектрумот на вакви трикови спаѓаат раниот ненадеен напад на Иран, елиминации на селективни личности, провоцирани напади на Иран со несакани оружја (хиперсонични, длабоко пенетрантни), пропаганди како на пример дека Иран веќе има збогатен ураниум над 60 отсто, притисоци со емигранти, кои во Америка веќе прават сериозни проблеми, а Европа е веќе „задавена“ од џихадисти и аналози, притисоци од „пријатели“ во Америка и Европа, па дури и тајни дипломатски манипулации со Кина, Средна Азија итн. Тајната дипломатија е извонреден „деус екс макина“, кој кај нас е за жал малку ценет и малку познат. На Иран лесно некој може да му „нафрли“ атомска бомба, ама…. ете не му нафрла, па дури и Северна Кореја. Значи – тајната дипломатија успешно ја врши операцијата. Да потсетам нешто – се сеќавате кога Пакистан одеднаш „произведе“ атомска бомба? Всушност таа бомба е германски продукт, со достава организирана од западните служби. А резонот е баланс со Индија, а уште повеќе и Кина, кои се напреднати во нуклеарната технологија. Велат дека за бомбата е заслужен генијалецот физичар Абдул Кадир Кан, со неговата приватна фирма („Кан рисрч“). Имаше верзија дека може да биде главен фактор за нуклеарна пролиферација низ исламските земји и меѓу терористите (како некоја „нуклеарна конфекција“). Како да не! Зар службите немаше тогаш да го ликвидираат? Случајот „Кан“ е убав наратив, делумно вистински, а делумно козметизиран. Такви козметизирани декоративи масивно се користат секогаш, а сега се и засилени со вештачка интелигенција. Дали и оваа војна е козмето-филмотека? Делумно да. Иран нема атомска бомба, ниту доволно ураниум за тоа. Но веројатно има сериозна интенција – доказ е постоењето на ултрацентрифуги во големо количество во подземни центри. Тоа е огромна инвестиција, на трилионски нивоа, што за една земја во која народот мизерува би било бесмислено ако нема сериозен аутпут. Нападот на Израел е превентивен напад (preemptive war), што Израел и порано го правеше, на пример Шестдневната војна во 1967 г. Дали има смисла и оправдување? Смисла апсолутно да, а оправдување и да и не. Мислам дека Иран има сериозна намера да направи атомскo оружје. Фундаментален режим како иранскиот не е доверлив. Ако направи нуклеарно оружје, многу е веројатно дека ќе го примени. Асиметрија на дистрибуцијата на атомското оружје не сака ниедна сила што има здрав разум. Тоа може да го посакуваат само формации со дисбалансирани пресметки (терористи, криминални формации). Значи, прво силните фактори (сите) би сакале да се уништат нуклеарните постројки во Иран, а егзекуторот (сабјата) е Израел. Тој ќе мора да го наплати тоа. Второ, тие посакуваат и системот да се демонтира, како што беше демонтирањето на комунизмот. Ако е така, тогаш тоа е на ниво на нужност и мора да се случи.

На крајот малку за тоа демонтирање на системот. Прво за Исламската Држава. Шахот Мохамед Реза Пахлави беше поставен за владетел и диктатор на Иран во 1941 година. Долго беше играч за Британија и за Америка, а беше и голем пријател на Тито. Всушност титоизмот не е баш марксизам, туку спиритуален продукт на Рерик – според професорот Абрамовиќ – пријател на Сталин, Нехру, некои кинески лидери и на крајот Тито, од каде што е и идејата за „неврзани“. На тој псевдомарксизам се додадени индискиот и зороастричкиот спиритуализам, диригиран од западните и источните служби. Методите се најмалку две. Прво е методот на инфилтрација, што може да биде од купување обична фирма, професори, компании, до политичари. Инфилтрација во Југославија беа Стане Доланц, генералот Љубичиќ, Анте Марковиќ, па дури и самиот Тито. Второ е корупцијата – ние сме одличен пример. Такви се сите арапски земји, Иран, па дури и европските земји. Така е создадена и иранската влада.

Мултиетницизмот во Иран е многу слаба точка – Персијци, Азербејџани, Курди, Туркоиди, Корасани, Ларестани, Арапи, Ерменци, Пакистанци, Балухи, Семнани, Лакси, Татси, Лурси, Талиши… Немаат силни лидери. Жените се многу храбри, но се потиснати. Инаку, корупција има сегде и во Израел. Ултрарелигиозните што се на власт не би рекол дека мислат само на Господ. Нашиот придонес за историјата на корупцијата и мафиологијата е за „восхит“, па затоа службите можат да прават со нас што сакаат. Ете, така се инфилтрирани израелските и други служби и прво ќе направат дронски и други бази внатре во Иран, ќе ликвидираат воени и разузнавачки личности, потоа ќе направат раздор и распад (југословенски синдром). Една случајна опсервација – ако ја гледате мапата на Иран – нели ви личи на Југославија? Можеби касметот ќе биде ист. Горе се кафкаски и азиски земји, а долу и странично арапски.

Атомските центрифуги се распоредени централно оддолу нагоре (како подземните аеродроми во Босна), а лидерите што се ликвидирани беа средишно одлево надесно („Црна Гора и Србија“). Можеби е тоа коинциденција, но разузнавачите знаат подобро. Јас не сум за ликвидација на ајатолахот, кој иако е антисемит, сепак е единствениот свет човек. Тој е сега заложник – демек „можеме да го убиеме, ама…“. Без вмешаност на САД, или барем употреба на B-2 бункербустер GBU-57 норторп, израелскиот напад ќе биде парцијален (за мене бесмислен, со бадијала рушења и жртви). „Бенефитот“ ќе биде само во ликвидираните лидери и научници, срушените лансирни центри и паниката во Иран. Ако успеат да предизвикаат внатрешни судири и паѓање на системот, тоа ќе биде добар успех. Трамп има големи проблеми дома – противници меѓу демократите, но и републиканците. Главни гласноговорници се Барни Сандерс, Тим Кејн, Линди Грам, Такер Карлсон, дури и дури и Стив Бенон и крајно десничарката Марџори Тејлор Грин. Над 60 отсто од граѓаните се „против“, а само 16 отсто „за“ приклучување кон војната. Армијата се подготвува, носачот „Нимиц“ се придвижува кон источномедитеранскиот простор. Трамп е под огромен израелски и проеврејски притисок дома. Вклучени се само THAAD (Terminal High Altitude Area Defense) за „вертикалните“ надолни проектили. По мене критичен фактор се интересите на американската армија (Пентагон) односно нејзините поддржувачи. За Израел, единствена гаранција за денуклеаризација на Иран е пад на владата (нуклеарните центри ќе се обноват), а тоа е опскурно. Тулси Габард (шефица на Национална сигурност) и фамилијата Буш (моќни во секој поглед) се скептици. На крајот, Трамп ќе реши сам. Прво бара безусловна капитулација, што Иран нема да прифати.

Израелските граѓани се поделени, едни се уплашени од иранските закани, а други уморни од кумулирани апсурди. Изборите се в година. Опозицијата е слаба (со Лапид, познат на Македонија), а Нетанјаху не се повлекува. Економијата ќе има мајорни последици. Израел останува „контролирана пирана“ на Америка, а постепено исто станува и ЕУ. За ЕУ би било витално да се отвори кон Русија (енергенти), но засега тоа не е на повидок. Цените на нафтата во светот ќе растат, а ако се блокира Хормуз, ќе биде светска економска „турлитава“. Русија како дипломатски посредник е добра идеја. Антисемитизмот ќе расте и расте. Џихадизмот ќе добие импетус, особено ако иранскиот режим продолжи да егзистира. Џихадот – или ќе оди или ние ќе бидеме џихадисти. Старата персиска култура заминува.