Фото: „Булмак“ 2016

Рудникот „Злетово“ е најстариот активен рудник во Македонија и повеќе од осум децении обезбедува континуитет во локалната економија на општината Пробиштип. Геолошкиот потенцијал на ова наоѓалиште на олово – цинкова руда е документиран уште од 1928 година, кога рудникот во Пробиштип бил под концесија на англиска компанија, а до 1941 година се изградени патишта, термоцентрала, флотација и управни згради, односно целата инфрастуктура за индустриско производство на оловно-цинкова руда. Со мали прекини, „Злетово“ работи до денес. Заедно со „Тораница“ во Крива Паланка, рудникот во Пробиштип е во состав на „Булмак 2016“, фирма-ќерка на Минстрој Холдинг од Бугарија.

Разговараме со инженер-геолог Денис Ѓоргиев, раководител на Геолошката служба во рудникот за олово и цинк „Злетово“, за тоа како со помош на  геологијата се истражува рудното наоѓалиште, како се оконтуруваат рудните блокови, се дава насока како да се одвиваат истражно-капиталните работи, според кој рударските инженери го планираат тековното производство – динамиката на откопување, методата на откопување, планирањето на новите откопи и слично. Ѓоргиев има 12 годишно искуство во рудникот, за кој вели дека според досегашните геолошки истражувања од страна на Геолошката служба, рудникот располага со геолошки резерви кои имаат солидна содржина на метали со кој може да се оствари рентабилно работење на рудникот во иднина и да се остварат планираните количини на концентрати. Ова ќе обезбеди стабилни приходи и за домаќинствата во општина Пробиштип како и за општинскиот буџет.

Со задоволство зборувате за историското наследство на „Злетово“. Првиот впечаток е дека не го доживувате само како работно место?

– „Злетово“е рудник со 85-годишна активна историја и со материјални траги од многу порано, односно во дирекцијата имаме зачуван рударски алат од 15–17 век. Најстарите евидентирани истражувања се од 1928 година, а концесионерот до 1935 година спровел обемни геолошки испитувања. По нив до 1941 година била оформена клучната инфраструктура за отворање на нов рудник за олово и цинк. Но, со почетокот на Втората светска војна со рудникот четири години стопанисуваат Германците, а потоа следат повеќе промени на управувањето. Од 2016 година со „Злетово“ управува фирмата ќерка на Минстрој Холдинг, „Булмак 2016“.

Но, за мене како и за локалната заедница рудникот има многу посилно значење затоа што поради него во непосредна близина е основан и населен градот, Пробиштип.

Фото: „Булмак“ 2016

Како го планирате производството во вашиот оддел, односно кои се чекорите пред рударството?

– Рудните резерви се оконтуруваат најпрвин со развивање на истражни ходници по рудната жица каде што се земаат геолошки проби на секој 2 м при што се врши и геолошко картирање на рудната жица. Ова оди во комбинација со истражно длабинско дупчење кое го спроведуваме со најсовремена опрема при што повторно добиваме податоци за рудната жица според добиеното јадро од истражните дупнатини. Сите геолошки проби се испитуваат во нашата рудничка лабораторија при што добиваме податоци за содржините на олово, цинк и сребро.

Кога веќе ја знаеме должината и висината на рудниот блок и по математичките пресметки за просечната дебелина на рудната жица на соодветниот блок ја добиваме вкупната зафатнина на рудниот блок. Наредната фаза е математичко утврдување на специфичната тежина на рудата според содржините на металите. Инаку треба да се напомене дека веќе отворените рудни откопи се опробуваат и картираат на секој 3 м со што располагаме со целокупни геолошки податоци и во текот на откопувањето на рудниот блок, а не само при оконтурувањето. Се следи и дали има отстапување од геолошките вредности кои се поставени според горенаведените пресметки.

На овој начин се добиваат геолошките резерви на рудата кои стануваат експлоатациони кога на нив ќе се додаде и процентот на разблажување т.е осиромашување на рудата според избраната метода на откопување и секако според дебелината на жицата или рудното тело. Сите геолошки податоци се даваат на располагање на колегите рударски инженери кои според ова го планираат тековното производство на руда и концентрати се со цел успешно работење на рудникот и во иднина.

Какви се перспективите на рудникот во следните години?

– Нови геолошки истражувања на наоѓалиштето допрва следуваат, но деталните геолошки истражувања направени во изминатиот период потврдуваат континуитет на рудните жици и во длабина (хоризонти 300 и 250) и по протегање. Наоѓалиштето „Злетово“ има продолжение кон локалитетот Плавица која претставува продолжение на рудната жица 10 при што концесиски граничи со наоѓалиште за бакар и злато кое сеуште не е отворено. Според досегашните наоди, рудникот може да работи најмалку уште 20 години.

Рудникот „Злетово“ според  широката палета на хемиски елементи претставува еден од најбогатите рудници на Балканот, а може да се каже и во Европа. Покрај олово и цинк, присутни се и бакар, сребро, бизмут, германиум, индиум, кадмиум, галиум, злато, калај и други дефицитарни елементи, за кои и побарувачката во светски рамки е огромна.

Во прилог на иднината на рудникот е движењето на цените на металите на Лондонската берза за метали (ЛМЕ), кои по периодот на нереален раст се стабилизираа на поодржливо ниво. Но она што е во полза на производителите на концентрат се ниските залихи на цинк на ЛМЕ, кои се околу еднодневна потрошувачка на светско ниво.

Регионалниот пласман е олеснет и со присуството на Металуршкиот комбинат во Пловдив, која традиционално е значаен купувач на концентрати од регионот.

Новата регулатива на ЕУ за критични минерали, налага до 2030 да се зголеми ископот, преработката и рециклирањето на стратегиските метали во Европа со што индиректно ја поддржува сигурноста на пласманот за олово/цинк-концентрати во регионалните топилници.

Геометалургијата станува стандард. Како ја интегрирате во „Злетово“?

– Покрај присутноста на елементите олово и цинк , ги издвојуваме и елементите кои се присутни, како на пример среброто. Ги правиме сите неопходни тестирања на примероци со цел да имаме стабилна флотациска реакција со помал енергетски интензитет и повисоки реализации.

Од богатата листа на метали кои ги набројавте, кои се извезуваат надвор од Македонија?

– Рудник „Злетово“ моментално произведува оловен концентрат со квалитет од околу 72% на олово и цинков концентрат со квалитет од околу 52% на цинк, но во валоризација е и среброто кое главно оди во склоп на оловниот концентрат. Рудникот произведува околу 150 илјади тони олово-цинкова руда годишно од која се добива околу 10-12 илјади тони олово-цинков концентрат годишно. Нашиот концентрат се извезува во Металуршкиот комбинат Пловдив во Бугарија каде што се естрахираат расположливите метали.

Со какви предизвици се среќавате во планирањето и вршењето на подготвителните работи со цел да не се доведе во прашање  опстојувањето на рудникот?

– Во рудник „Злетово“ најзастапен квалификуван кадар се рударите и работниците за руднички транспорт кои зафаќаат над 50% од сите вработени во рудникот. Тие се носителите на производството, но секако нивниот број секогаш недостасува поради природата и тежината на самата работа.

Како и во останатите индустрии и за нас критичен фактор е пазарот на труд, односно недостигаат рудари и стручни профили во електромашинство, геологија и геодезија. Компанијата има распишано конкурс за вработување, кој е активен во текот на целата година и во секое време може да се поднесе апликација. Оваа покана се однесува на сите профили што ги спомнав. Нам тие ни се потребни и за претстојните истражувања кои треба да ја потврдат иднината на рудникот.

За одржување на продуктивноста во услови на недостиг од кадар, приоритети се интерна преквалификација на оперативци во електро-машински профили, но компанијата одржува и партнерства со средното рударско-геолошко училиште во општината, како и со Факултетот за Природни и технички науки во Штип.

Овој недостиг, како што спомнав влијае и на темпото на истражување, и на планирањето на тековното производство.

Фото: „Булмак“ 2016

Дали на младите генерации им е привлечно рударството?

– Младите генерации не се воопшто привлечени од оваа гранка, веројатно поради тежината на самата работа, подземните услови на работа и слично, иако платите во нашиот рудник се солидни, особено за стандардот во мали средини како Пробиштип. Нашиот рудник им гарантира сигурна работа и сигурни месечни приходи на работниците, додека за општината и државата обезбедува стабилни буџетски приливи. Паралелно се активира локалната економија, и тоа од занаетчии до други услуги во приватниот сектор, што директно влијае и на БДП.

Рударството во регионов остојува како економски двигател на македонските рударски градчиња во минатото, во сегашноста, а има и перспектива за успешна иднина и просперитет на идните генерации.

Сепак, често имате посета од ученици и студенти од образовните институции од Македонија, како и од странство. во вид на пракса или екскурзии ?

– Да, секако. Редовно имаме ученици практиканти од Рударско-геолошкото училиште во Пробиштип како и од Факултетот за Природни и технички науки во Штип. Секоја година имаме посета од студенти и од професори од Природословно- математички факултет Загреб и од Uit The Arctic University од Норвешка кои имаат интернационални студенти од цела Европа. Ова ни дава можност да разменуваме искуства, соработуваме заедно и отвораме нови видици и перспективи во нашата професија.

Што е следно за „Злетово“ од чисто геолошки аспект?

– Во моментот сме преокупирани со истражување на рудните жици на хоризонт 300, и ни претстои и истражно длабинско дупчење на хоризонтите 300 и 250 каде што рудникот ќе се шири и развива во наредните 10 год. Ова ќе трае наредните 5 години, а потоа планираме да се пренасочиме на истражување на локалитетот Плавица, кој е во склоп на рудното наоѓалиште „Злетово“ и истражување под хоризонт 250 каде што моментално не располагаме со голем обем на геолошки податоци. Но сепак двата хоризонти 300 и 250  во комбинација со Плавица ќе обезбедат рудни резерви  за работа на рудникот и во наредните 20 години што секако треба да нѐ охрабрува и радува.