Интензивно се работи на значително зајакнување на јавното здравство преку системска реконструкција, доградба и изградба на здравствени објекти, со цел обезбедување подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал, но и унапредување на квалитетот на здравствените услуги низ целата држава, соопшти Министерството за здравство.
– Во Штип, се планира целосно продолжување на изградбата на Клиничката болница, откако Министерството го раскина претходниот договор поради неисполнување на обврските од изведувачот. Новиот проект ќе ја опфати изградбата и опремувањето на болничкиот објект, Медицински факултет, студентски дом, комплетна инфраструктура и паркинг, со вкупна инвестиција од 147,65 милиони евра – велат од Министерство за здравство.
Како што велат оттаму, во Тетово е предвидена доградба на два нови павилјона за специјализирани услуги како онкологија, инфектологија, дерматологија, психијатрија и гинекологија, како и реконструкција на постојните хируршки и интернистички блокови и целосно инфраструктурно и партерно уредување, со вкупна вредност од 40 милиони евра.
– Во Кичево, по детална техничка и функционална проценка, ќе се пристапи кон целосна изградба на нова општа болница на нова локација, која ќе служи како регионален здравствен центар за поширокиот регион. Новиот објект ќе биде современ, енергетски ефикасен и целосно опремен, во вредност од 18 милиони евра- посочуваат од МЗ.
Покрај градежните интервенции, проектите вклучуваат и набавка на најсовремена медицинска и немедицинска опрема. Вкупната вредност на целокупната инвестиција изнесува над 205 милиони евра.
– Овие проекти се дел од визијата за модерно, достапно и функционално здравство, каде што секој пациент ќе добие навремена и квалитетна здравствена услуга, а медицинскиот персонал ќе работи во безбедна и современа средина- се наведува во соопштението од МЗ.