Предложените мерки од страна на Алијансата на Албанците за владеење на правото и бескомпромисна борба против корупцијата, беа тема на разговор на денешната средба лидерот на партијата Арбен Таравари со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.
Таравари, како што информираат од партијата, на разговорите, на кои бил придружуван од пратеникот Халил Снопче, на амбасадорката и посакал успешно враќање во Скопје, со надеж дека оваа средба ќе биде почетна точка на блиска соработка со цел продлабочување и проширување на односите меѓу двете земји.
– Се заблагодарив на амбасадорката Агелер за непоколебливата поддршка на САД за нашата земја, особено во евроатлантските интеграции и за нејзината лична заложба за искоренување на корупцијата, за давање отчет на корумпираните и за борба против културата на неказнивост. Разговаравме за предложените мерки од страна на АА како дел од нашиот пакет за владеење на правото и бескомпромисна борба против корупцијата, согласувајќи се за итноста од конкретни иницијативи во оваа насока – истакна Таравари.
Како што се посочува во партиското соопштение, Таравари со Агелер се согласиле дека интеграцијата на Македонија во ЕУ е единствениот пат кој гарантира развој, просперитет и стабилност и дека државниот резон бара проевропските сили да не дозволат отстапување од овој курс, преземајќи ја без одлагање одговорноста „за да не ја пропуштиме нашата шанса и успешно да го завршиме овој витален процес за идните генерации“.