Специјалниот известувач на Обединетите нации за малцински прашања, проф. Николас Леврат, обраќајќи се на Форумот за малцински прашања во седиштето на ОН во Женева, во рамки на официјалната сесија организирана од неговиот мандат, даде јасен и принципиелен одговор на излагањето на Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), посветено на положбата на македонската заедница во Албанија, објави весникот „Македониум“.
Во своето обраќање, истакнал дека му било особено значајно нагласувањето дека Македонците во Албанија, отсекогаш биле мирољубиви и лојални на државата Албанија, нагласувајќи дека ваквите сомнежи за лојалноста на малцинствата се честа и погрешна појава во многу држави.
Тој потенцирал дека зад легитимните барања за јазик, култура и идентитет не смее да се гледа скриена политичка агенда, нагласувајќи дека „ова е прашање на човекови права, а не прашање на лојалност кон државата“.
Посебен акцент во своето излагање Специјалниот известувач ставил на мешањето на соседни држави во малцинските прашања, при што директно се осврнал,на случајот со Бугарија и обидите за инструментализација на малцинствата во Албанија, Истакнувајќи дека во „такви ситуации малцинските прашања ја надминуваат рамката на човековите права и стануваат прашање на меѓународен мир и безбедност“.
– Токму поради вакви појави уште во времето на Друштвото на народите бил воспоставен систем за меѓународна заштита на националните малцинства, со цел да се спречат интервенции на соседни држави во внатрешните работи на суверени држави под изговор на „заштита“ на малцинствата – рекол тој.
Нагласил дека злоупотребата на малцинските прашања како политички инструмент може да доведе и до сериозна внатрешна дестабилизација на државите, но и до загрозување на регионалната и меѓународната безбедност, наведувајќи дека ваквите практики, за жал, се користеле и како оправдување во современи конфликти, со јасни последици врз мирот и стабилноста.
Во тој контекст, Специјалниот известувач оценил дека оваа безбедносна димензија на малцинските прашања е тема на која активно работи и која ќе биде предмет на неговите извештаи до Генералното собрание на ОН, Советот за безбедност и земјите членки.
На крајот од своето обраќање, тој ја истакна улогата на Советот на Европа како најсоодветен институционален механизам за унапредување и заштита на малцинските права, потсетувајќи дека Албанија е потписничка на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и дека постојат јасни и функционални европски механизми за справување со ваквите прашања.
Во своето обраќање пред Форумот, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ, рекол дека македонската заедница во Албанија е автохтона, мирољубива и конструктивна, но соочена со системски предизвици во областа на образованието, политичката застапеност, медиумската видливост и економскиот развој.
Тој особено укажа на политичкиот притисок од страна на Бугарија, која, според него, преку својата позиција во Европската унија врши обиди за асимилација на Македонците во Албанија, вклучително и преку мешање во внатрешните процеси на земјата и влијание врз процеси како пописот на населението.
– Нашата цел не е конфронтација, туку еднакви права, достоинство и вистинска заштита на македонската заедница во согласност со меѓународните стандарди – порачал Стерјовски.


































