Сите јавни институции ќе добијат упатство како да постапуваат во периодот додека важи времената мерка на Уставниот суд за стопирање на алатката „балансер“ за вработувањата во јавната администраија – информира министерството за јавна администрација.
Од кабинетот на министерот за јавна администрација, за МИА, велат дека насоките или донесените времени мерки од страна на Уставниот суд, како министерство не ги коментираме, туку ги почитуваат и спроведуваат.
-Министерството за јавна администрација многу пати до сега укажа дека “балансерот” како дигитална алатка ја изгуби својата намена за која е создаден и во минатото беше предмет на злоупотреба. Во однос на евентуално ново законско решение, министерството за јавна администрација ќе се залага за решение кое ќе овозможи професионална јавна администрација со квалитетна услуга кон граѓаните, а кое ќе се темели на соодветно образование, стручност и знаење, почитувајќи го мерит системот. Но, се до конечната одлука на Уставниот суд, министерството за јавна администрација, ќе се воздржи од било каков коментар – велат од Кабинетот на министерот за јавна администрација.
Во однос на постоечките огласи од министерството најавуваат соодветно упатство кое ќе го споделат до сите институции.
-Што се однесува до распишаните огласи за вработувања кои се во тек, Министерството за јавна администрација ќе постапи согласно содржината на донесените времени мерки од страна на Управниот суд, по објавата во Службен весник на РСМ. За истите ќе подготви соодветно упатство кое ќе го сподели и дистрибуира до сите институции – информираат од Кабинетот на министерот за јавна администрација.
Уставниот суд на 18. месецов донесе времена мерка за одредби од Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавен сектор што се однесуваат на етничката припадност, односно одредби од акти кои беа оспорени од страна на Државната комисија за спречување на корупција. До носење на конечна одлука од страна на Уставниот суд овие одредби нема да се применуваат.