Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС ѝ даваат целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за решавање на проблемот и потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините.
Како што било договорено на работните состаноци одржани во АХВ, претстои дефинирање локации во општините за изградба на гробиштата и планирање на потребната инфраструктура.
– Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата – по смртта, милениците да се фрлаат заедно со комуналниот отпад или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија – изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Според градоначалникот на град Скопје и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевки, локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата на овој проект.
На состаноците, чиј домаќин бил директорот на АХВ, Оливер Миланов, заедно со стручни лица од Агенцијата, станало збор и за бездомните кучиња, како и за предложените решенија за воспоставување систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа, што наишло на поддршка и од министерот Перински и од градоначалникот Ѓорѓиевски, со ветување дека и локалните самоуправи активно ќе се вклучат во имплементацијата на претстојните законски измени. Според Директорот на АХВ, Миланов, во предлог-законските измени се веќе внесени забелешките и предлозите шти ги дадоа здруженијата за заштита и благосостојба на животните, а ќе се земат предвид и предлозите на општините.
– Како одговорна институција и за здравстената заштита и за благосостојбата на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе им излезе во пресрет на локалните самоуправи и ќе им помогне на општините во однос на решавање на техничките прашања при воспоставувањето на системот за контрола на популацијата бездомни кучиња во согласност со можностите, надлежноста и овластувањата на АХВ – заклучил директорот Миланов.
МИА ги актуализира проблемите со немањето гробишта за миленици и со бездомните кучиња во интервју со директорот на АХВ, Оливер Миланов, за новогодишните празници.
































